Апасиев обвини дека Никола Димитров бил врбуван од структурите на ЦИА

Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, на седницата на Собранието за интерпелацијата на вицепремиерот за европски прашања, изјави дека Никола Димитров „веројатно бил врбуван од структурите на ЦИА кога беше амбасадор во САД“ без да понуди било каков доказ освен што прочита една реченица од мемоарите на генералот Панде Петровски. 

„Моите односи со дотичниот се срдечно одвратни. Ние ги презираме измамниците“, рече на почетокот од своето излагање Апасиев, кој својата дискусија рече дека ќе ја подели на два дела – првиот кога тој бил „вмровско дете“, а вториот кога бил „реформиран вмровец“. Тој рече дека Димитров станал советник кај претседателот Борис Трајковски „веројатно затоа што имал флуентен англиски“, а потоа кога станува амбасадор во САД „веројатно бил врбуван од структурите на ЦИА“, па под нивен притисок станал амбасадор во Хаг и преговарач за името. Па цитирајќи документ од „Викиликс“ од 2008 година тој тврдеше дека Димитров ги „отчукувал“ Никола Груевски и Бранко Црвенковски кај Американците.

Димитров му врати за обвинувањата рече дека Апасиев станува „политичар-обвинител или политичар-инквизитор. Политичар од Средновековието“. Потоа тој изјави дека „за нашата Македонија многу Македонци оделе во затвор. И јас сум подготвен да ја платам таа цена за македонската кауза. Некои оделе, а некои ги пикале во затвор“.

 

Translate »