Петар Арсовски: Три фактори зошто полесно ќе се реши спорот со идната бугарска влада
Стратегијата за надминување на спорот со Бугарија, што неодамна ја најави и премиерот Зоран Заев дека до изборите ќе се разговара за полесните прашања, а за политичките теми ќе се дискутира со идната бугарска влада е разумна од најмалку три причини и може да донесе резултат, смета аналитичарот Петар Арсовски.
– Прво, се проценува дека после изборите во Бугарија во владата нема да влезат најрадикалните партии, односно ќе го нема ВМРО на Красимир Каракачанов. Второ, до летото се очекува да се активира администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден која моментно како најголем приоритет ја има вакцинацијата на американското население, а веќе е најавено дека Западен Балкан ќе биде еден од шесте приоритето на надворешната политика на САД. И трето, дотогаш Албанија ќе го исчисти своето портфолио за ЕУ, односно ќе се заокружи процесот на ветинг во судството и ќе се надминат проблемите со Уставниот суд. Така двете земји, Македонија и Албанија на почетокот на летото ќе бидат подготвени во пакет да ги почнат преговорите за членство, што беше едно од главните инсистирања на Германија. Логиката е да се намали обемот на отворените прашања што ќе треба да се преговараат со новата бугарска влада, која е можно да биде формирана до крајот на април. Во јуни има самит на ЕУ, кој е последен на германската канцеларка Ангела Меркел која сигурно ќе сака своето заминување да го круниса со почнати преговори со ЕУ за Македонија и Албанија – вели Арсовски за „Слободен печат“.
Тој додава дека моментно македонското прашање на домашната сцена во Бугарија е толку високо дигнато што наликува дека радикалните позиции се мејнстрим. За можноста наместо Каракачанов во идната бугарска влада да влезе партијата на шоуменот Слави Трифонов, кој исто така има радикални ставови кон Македонија и Македонците и чиј рејтинг постојано расте, Арсовски вели:
– Партијата на Трифонов моментно има рејтинг од 13 отсто и не е толку мала партија како онаа на Каракачанов, а колку се помали партиите, толку се порадикални. Сепак Трифонов за да влезе во коалиција со Бојко Борисов ќе треба да му понуди поширока програма за соработка, а не само радикализам. Секако, бугарската влада тогаш ќе биде на почеток на мандатот и ќе ѝ биде полесно да затвори некои тешки прашања – заклучува Арсовски.
izvor Sloboden pecat