Најдиректно обвинување досега: Американците стоеја зад обидот за државен удар во Турција!

Турскиот министер за внатрешни работи порача дека Соединетите Американски Држави стоеле зад обидот за државен удар во Турција – Стејт Департментот остро ги отфрли обвинувањата.

Турскиот министер за внатрешни работи, Сулејман Солју директно ги обвини САД за оркестрирањето на обидот за државен удар во Турција во 2016-та година.

Ова е нешто за што веќе со години се шпекулира во Турција, а турските власти во повеќе наврати досега инсинуираа дека администрацијата на Барак Обама (во која актуелниот претседател Џо Бајден ја вршеше функцијата потпретседател на државата), стоела зад движењето „ФЕТО“ на Фетулах Ѓулен кој е директно обвинет за организирање на воениот пуч.

Солју овие обвинувања ги изнесе во интервјуто за турскиот весник „Хуријет“. Непосредно потоа се огласија и од американскиот Стејт Департмент остро отфрлајќи ги обвинувањата. Од Стејт Департментот порачаа дека зборовите на Солју се „целосно погрешни“.

Според Солју, Американците управувале со обидот за државен удар, додека пак мрежата на Ѓулен го спроведувала. Тој се осврна и на Европа, истакнувајќи дека Европа била „ентузијастична“ во врска со потенцијалниот успех на државниот удар.

„Целосно е јасно дека САД стоеле зад обидот за државен удар на 15-ти јули. „ФЕТО“ се обидуваше да го изведе по наредба на САД“, порача Солју.

Изјавата на турскиот министер за внатрешни работи доаѓа во моментите кога растат тензиите во односите помеѓу Вашингтон и Анкара, но и кога повторно се будат анти-владините протести во Турција.

Translate »