Заев: Општество еднакво за сите е кога и жените се рамноправни со мажите

Лидерот на СДСМ Зоран Заев во обраќањето пред учесничките на семинарот за стратегиско планирање на Форумот на жени на партијата рече дека СДСМ отсекогаш се залагала и работела за родовата еднаквост и нагласи дека општеството нема да биде еднакво ако во него не се еднакви мажите и жените. Тој рече дека СДСМ „направи историски исчекор не само во нашата земја, туку и пошироко во Европа и светот, со поставеноста на родовата еднаквост како врвен приоритет“

Со направените статутарните измени Форумот на жени го регулиравме како трајна и статутарно предвидена форма на организирање, рече Заев и нагласи:

„Ја усвоивме Истанбулската конвенција, која претставува регионален правен инструмент што дава сеопфатна заштита на правата на жените. Оваа конвенција предвидува заштита на жените од насилство, унапредување на родовата рамноправност. Со Законот за прекин на бременоста исправивме долгогодишна неправда и повторно го обезбедивме правото жената слободно, без пречки да одлучува за сопственото тело. Одредбите од неодамна усвоениот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство јасно укажуваат дека насилството врз жените и семејното насилство не може да се сметаат за приватна работа и дека државата воспостави сеопфатни и интегрирани политики да превенира и да ги заштити жртвите на насилство. Законот ги дефинира сите облици на насилство согласно Истанбулската конвенција, вклучувајќи и чекор повеќе во постапките за заштита на пријавувачите на овие појави како сериозни придобивки за жртвите и за брза реакција и постапувањето за секое сторено насилство”.

Заев посочи дека еднакви права за жените и мажите, значи еднакви плати за жените и мажите. Еднакви обврски за жените и мажите.

„Нудиме стратегии за директна поддршка на женското претприемништво, како и на младинското претприемништво преку грантови во висина од 5.000 до 15.000 евра за почеток на сопствен и нов бизнис. Заедно со другите мерки за обуки, усовршување и доквалификација, да ги поттикнеме жените да земат активно учество во економските текови на државата. Веќе има резултати. На пример со Оперативниот план за програми и мерки за вработување. Во 2018 година 54%, односно 3.456 лица од учесниците во активните програми и мерки за вработување беа жени, што за нас претставува посебен успех и голем придонес за поголема инклузивност на жената на пазарот на трудот. Во 2020 година, бројот на опфатени го зголемивме на 10.953 невработени лица. И нема да застанеме додека не постигнеме еднаквост на пазарот на труд за да ја поттикнеме мотивираноста, охрабрувањето и определувањето на местото на жените во долгорочниот напредок и емнципација на жените. Општеството нема да биде еднакво ако во него не се еднакви мажите и жените” заклучи лидерот на СДСМ Зоран Заев.

Translate »