Како да препознете срцев удар пред да биде предоцна?
Срцевиот удар се случува при нагло прекинување на крвотокот во артеријата која храни дел од мускулот на срцето. Клетките не добиваат доволно кислород и почнуваат да изумираат. Тој прекин во протокот на крв што се јавува за време на срцев удар може трајно да го оштети срцевиот мускул.
Затоа научете ги симптомите кои укажуваат на срцев удар пред да биде предоцна.
Дали симптомите се исти кај секој пациент?
Срцевиот удар може да се случи во секое време, додека работите, одморате или додека се движите. Ниеден срцев удар не е ист. Првите знаци и симптоми се разликуваат кај секој пациент. Некој кој имал срцев удар може да има повторно, но со различни симптоми. Понекогаш симптомите на срцевиот удар не може лесно да се препознаат и се припишуваат на друга состојба како проблеми со желудникот, замор или болки во мускулите.
Зошто треба да ги знам знаците за срцев удар?
Ако ги препознаете знаците на срцев удар и веднаш побарате медицинска помош, може да си го спасите животот. Особено е битен првиот час од почетокот на симптомите кој се нарекува ЗЛАТЕН ЧАС. Доколку интервенцијата се изведе во првите шест часа, период кој се нарекува време на развој на срцевиот удар, ќе го спасите срцето од поголеми и трајни оштетувања.
Кој има висок ризик од срцев удар?
Ризик фактори за срцев удар се:
– Возраст: Мажи над 45-годишна возраст и жени над 55 години имаат зголемен ризик од срцев удар.
– Пушење: Пушењето или долготрајната изложеност на пасивно пушење ги оштетуваат ѕидовите на крвните садови вклучувајќи ги и артериите кои го снабдуваат срцето со кислород.
-Висок крвен притисок: со текот на времето високиот крвен притисок може да ги оштети артериите што го хранат срцето и го забрзуваат процесот на атеросклероза. Висок крвен притисок кој се јавува со дебелина, пушење, висок холестерол и дијабетис го зголемува ризикот неколкупати повеќе.
–Високи вредности на холестерол: холестеролот се таложи на ѕидовите на крвните садови кои со текот на времето го стеснуваат протокот на крв и доведуваат до нивно затнување.
-Дијабетес: неконтролираните вредности на шеќер во крвта го зголемуваат ризикот од срцев удар.
– Семејна историја на срцев удар: доколку вашите браќа, сестри, родители или баби и дедовци имале срцев удар, тогаш и вие имате зголемен ризик да добиете срцев удар.
-Недоволна физичка активност: доведува до угоеност и зголемени вредности на холестерол во крвта. Лицата кои се физички активни го намалуваат севкупниот ризик од срцев удар. Вежбањето исто така е позитивно во намалување на високиот крвен притисок.
-Дебелина: вишокот на килограми претставува ризик од срцеви заболувања бидејќи е поврзано со зголемени вредности на холестерол, дијабетес и висок крвен притисок.
-Стрес: како последица на стрес може да го зголемите ризикот од срцев удар.
-Дијализа: Пациентите на дијализа имаат за 10 пати поголем ризик од кардиоваскуларни заболувања во споредба со здравата популација на иста возраст. Кај нив ризикот е висок како и кај пациентите кои веќе имале срцев удар.
8 симптоми и знаци на срцев удар
1. Тегоби во градите (т.н. граден дискомфорт) манифестирани како градна болка, притисок, стегање, тежина во градите. Тегобите се чувствуваат најчесто во пределот на градната коска и најчесто во поширока регија
2. Непријатност во други делови од телото како болка, стегање во рамењата, грбот, многу почесто во левото рамо, но понекогаш и во десното, потоа во горниот дел од стомакот, во вратот и долната вилица.
3. Отежнато дишење, односно чувство на недостиг на воздух
4. Мачнина, гадење, нагони за повраќање
5. Општа слабост и истоштеност
6. Препотување со ладна пот
7. Забрзана срцева работа, но може да се јави и забавена или неправилна срцева работа, односно аритмија
8. Крвниот притисок е обично покачен, а поретко тој е низок, дури и немерлив.