Грозданова: Фајзеровата вакцина не е пожелна за лица со алергии, АстраЗенека пак, покажа одредена неефикасност

Во своето гостување во „Топ тема“, претседателката на Комитетот за имунизација, Александра Грозданова посочи дека вакцините против Ковид 19 се безбедни, но има и такви кои не се препорачани за лица кои страдаат од алергии, како вакцината на „Фајзер“.

За Астра зенека пак, посочи дека ќе пристигне кај нас преку Ковакс механизмот, иако се води дебата во светот за нејзината ефикасност, со оглед на тоа дека не го покажала својот квалитет во однос на Јужноафриканскиот сој кај постарите лица.

„Голем број на земји се вакцинираат со „АстраЗенека“, вклучително и Велика Британија. Вакцината на „АстраЗенека“ е висококвалитетна. Она што се виде дека, всушност, не станува збор за безбедноста на вакцината, туку таа покажа помала ефикасност кај популацијата над 65 години. Но, вакцината обезбедува доволно антитела и кај оваа популација, односно обезбедува над 60 проценти заштита. Се потврди дека таа не заштитува од јужноафриканскиот сој на вирусот. Меѓутоа, тоа е нешто што може да го очекуваме во континуитет и за другите вакцини, заради мутациите ќе се јавуваат промени на самиот вирус, па вакцините, особено „Фајзер“ и „Модерна“ ќе мора да се адаптираат на новите мутации“, посочи професорката Грозаднова.

Грозданова истакна и дека приоритетите на нашите здравствени власти биле да добиеме вакцини кои се безбедни и ефикасни.

Таа вели дека според бројот на популацијата Македонија многу лесно и многу брзо ќе ја заврши имунизацијата доколку брзо пристигнат поголем број на вакцини.

Translate »