Младите во малите градови со уште помали можности за развој
На различни страни од државата, но со сличен број жители и со слични проблеми за младите. Кичево и Кочани нудат многу предизвици за младите луѓе, но малку можности и финансии за развој во работата, културата или рекреацијата. И двата градови донеле „Стратегии за младите“, но малку се трудат да ги реализираат. Двете општини во последните три години или воопшто не издвоиле или, пак, предвиделе само минимални пари за проекти и активности за младите, покажува анализата на ПИНА.
Дваесет и двегодишната Бисерa Филиповска од Кичево е првиот дипломиран семејнолог во нејзиниот град. Филиповска, како и останатите млади во Кичево, има многу проблеми. Не верува дека лесно ќе се вработи, но подготвена е да се бори за своето место во општественото дејствување. Вели дека изборот за студирање на овој факултет ѝ бил втора опција бидејќи предвреме се откажала од нејзината најголема љубов – актерството.
„Немав можност да се подготвувам за овој факултет бидејќи се изумрени драмските секции во училиштата, а сè поретко ги има и надвор од училиштата. Во Кичево нема професионален театар, па можностите за нас, кои растеме во помали средини, не се еднакви со оние, на пример, кои живеат во Скопје или во другите поголеми градови. Единствено, имав можност неколку пати да глумам во претстави што беа од хуманитарен карактер организирани од Црвениот крст“, раскажува Бисера.
Таа додава дека многумина млади од Кичево за првпат во својот живот посетуваат театар дури кога ќе се запишат на студии во Скопје или во Битола, а тоа го смета за голем недостаток за шансите за културен развој и надградба на цели генерации од овој град.
Кичево годинава беше избран за „Град на културата“, а тоа беше шанса за заживување на оваа мултикултурна средина. Во програмата беа предвидени многу активности на различни локации во градот, како што се НУЦК „Кочо Рацин“, Китиното Кале, музејот „Западна Македонија во НОВ“ и слично. Но, пандемијата предизвикана од КОВИД-19 ги промени плановите.
Во однос на негувањето на спортско-рекреативниот дух, младите кичевци на прво место го имаат комплексот „Крушино“, но од сето она што беше на располагање до пред 15-ина години, сега во функција се само фудбалското игралиште, атлетската патека за трчање и едно тениско игралиште. Кога го посетивме ова рекреативно-излетничко место, на теренот за кошарка беа останати само таблите. Останати се руинираните тоалети што не може да се користат, а пред очите на кичевци со години се распаѓа и тамошниот хотел-ресторан, кој е објект врежан во нивната заедничка меморија.
„За ’Крушино‘ паметам дека беше редовно викенд-место за прошетки и рекреативни активности до пред десетина години, можеби и повеќе. Сега повторно се користи за играње фудбал, трчање, возење ролерки или велосипеди, но за да биде целосен комплекс недостигаат многу работи, кои некогаш ги имаше. Сега нема ниту основни услови за хигиена, а отежнат е и пристапот до него со градежните активности што се одвиваат поради изградбата на патот Кичево – Охрид“, додава Бисера.
Според нејзиното мислење, институциите треба да се вклучат повеќе во развојот на младите од помалите средини. Вели дека многу нејзини соученици ја гледаат својата иднина во странство, а некои веќе се и отселени. Во Кичево постепено се намалува и бројот на запишани ученици во основните и средните училишта и тој сè повеќе личи на град на пензионери.
За пет години во Кичево „испариле“ седум паралелки во основните училишта
Официјалните бројки покажуваат дека училишните клупи постојано се празнат, иако причините конкретно не се лоцирани.https://flo.uri.sh/visualisation/3854103/embed?auto=1A Flourish chart
Податоците од Државниот завод за статистика од изминатите пет години покажуваат дека во учебната 2015/2016 година во основните училишта се запишале вкупно 3 695 ученици. Ако оваа бројка се спореди со бројот на запишани ученици во учебната 2019/2020 година, се забележува намалување на бројот за 148 ученици. Ако се земе дека просечниот број ученици во една паралелка е 20, ова значи дека во Кичево само за пет години има 7,5 паралелки помалку во сите основни училишта.
Намалувањето на учениците за истиот период е видливо и во средните училишта каде што во 2015/2016 година се запишани 1 838 ученици, а пет години подоцна, во 2019/2020 година бројот на запишани се намалил на 1 458 ученици. Во овие пет години, средните училишта во Кичево изгубиле 380 средношколци.
Причините за ова се различни, од отселување до запишување во средно образование во градовите во регионот на Кичево што нудат стручно образование.
Општината малку или воопшто не издвојува пари за младите
Од Општина Кичево велат дека во 2018 и 2019 година немале обезбедени средства за активности за младите, а, пак, за 2020 година биле предвидени само 210 000 денари, но досега не се искористени. Дополнуваат дека општината нема реализирани проекти за млади, иако со помош на меѓународни организации, како што е ОБСЕ, има издадено „Стратегија за младите“. Од локалната самоуправа во Кичево додаваат дека сепак имаат неколку програми за невработени лица, во кои се вклучени и младите.
„Општина Кичево обезбедува програма за невработените со цел да се спречи нивното заминување. Врз основа на Програмата за поддршка на локалниот економски развој, која предвидува буџет за ’Поддршка за претприемништво, деловни планови, започнување нови бизниси и спроведување проекти што придонесуваат за намалување на невработеноста во општината‘ и за ’субвенционирано вработување‘, со цел да се создаде конкурентна економија во приватниот бизнис, поддршка на развојот на мали и средни претпријатија и претприемништво, како и врз основа на Оперативниот план и упатствата за спроведување мерки за самовработување“, објаснуваат од Општина Кичево.
Можностите за напредок за младите во малите градови се сведени на минимум
На другиот крај од земјава, во Кочани, град со слична големина како Кичево, младите се соочуваат со истите проблеми и предизвици. Иле Матеничарски, кој има 23 години и живее и работи во Кочани, веднаш по дипломирањето на Факултетот за новинарство формирал портал за локални вести. Вели дека иако Кочани, веднаш по Штип, важи за административен центар на истокот на земјата, можностите за каков било развој на младите и за напредување во кариерата се многу мали, а понекогаш и не постојат.
„Кочани има можност за развој во речиси сите сфери од живеењето (култура, спорт, работа со млади), но погрешните политики на локалните власти во делот на младите влијаат за иселување од градот и мигрирање кон поголемите градови или надвор од државата. Најголемите предизвици за младите во Кочани се недостигот на доволно интересни содржини за нив, неможноста за вработување според струката, а исто така на многу ниско ниво е и културниот живот. Младите најчесто немаат можност да го унапредуваат својот талент во одредени области, ниту, пак, да имаат исполнет социјален живот“, вели тој за ПИНА.
Според неговото мислење, во градот фалат повеќе проекти што ги вклучуваат младите или, пак, што се водени од млади луѓе. Тој смета дека на локалната и на централната власт им недостига визија за развој на Кочани, особено во делот на културниот и забавниот живот каде што низ годините најмалку се инвестира и се промовира.
„Пред некоја година, една невладина организација од Кочани се обиде преку проект да формира младинска група за да изработат стратегија за младите. Сите активности се спроведоа додека траеше проектот и првичната замисла беше таа младинска група да функционира и во иднина. Со завршувањето на проектот, младинската група згасна, а изработеното остана само на хартија. Со тоа може да се каже дека младите во Кочани не се битен фактор во носењето одлуки во средината на живеење“, вели младиот новинар.
Проблем за младите, секако, е и вработувањето, особено ако се бара според струката. Во потрага по вработување и подобар живот тешко се задржуваат младите во градот.
И во Кочани нема пари за развој на програми за млади
Слично како и во Кичево, и на другиот крај од земјата, во градот Кочани, ретко или воопшто не се издвојуваат пари од општинскиот живот за активности на младите.
Користејќи го законското право за слободен пристап до информации од јавен карактер, побаравме податоци од општината за средствата што ги предвиделе за развој на програми и активности за младите за последните три години (2018, 2019 и 2020 г.), како се потрошиле средствата, но и кои проекти за младите ги реализирала општината во овој период.
Општината одговори дека нема посебно издвоено средства за млади во споменатиот период. Велат дека сепак се одржани повеќе настани за младите од 16 до 27 години во соработка со организацијата „Младите можат“.
„Повикот за учество се однесуваше за младински локален активизам и за младински локални иницијативи, односно за потребите на младите на локално ниво, каде што младите даваа свои предлози и идеи како да го задржат вниманието, да ги идентификуваат потребите на нивните врсници во општината и да ги осознаат можностите што им ги нуди општината. Во рамките на проектот беше организиран натпревар во мал фудбал, вечер посветена на поезијата, како и цртање графити на клупите во Градскиот трговски центар“, велат од општината.
Општината има донесено „Стратегија за младите“ на 11 јули 2019 година, чие изработување е поддржано од УСАИД и која е изработена од младински активисти и од Центарот за култура, комуникација и едукација на Ромите „Светла иднина“.
Во Стратегијата е наведено дека планирањето на буџетот и одвојувањето посебна ставка за нејзино спроведување претставуваат појдовна позиција за развој на младинскиот активизам и за учество на младите во процесот на донесување политики.
Автори: Ивана Настеска и Кристина Озимец
Оригиналната верзија од анализата е достапна на следниот ЛИНК.