Свикан е вонреден конгрес за избор на лидер на ВМРО-ДПМНЕ

Иницијативниот одбор за свикување вонреден конгрес во ВМРО-ДПМНЕ обезбеди поддршка и потписи од големо мнозинство од делегатите и го закажа 17. вонреден Конгрес на партијата на 28 март во Скопје, се тврди во соопштение на иницијаторите.

Делегатите кои пристапиле велат дека лидерот Христијан Мицкоски ги изневерил очекувањата и дека не исполнил ниту едно од дадените ветувања за враќање на партијата на победничките патеки, за зголемување на капацитетите за коалицирање и за обезбедување меѓународна поддршка.

„Делегатите сметаат дека е недозволиво претседателот на кој што му ја дале довербата, да не свика конгрес и да не се обиде да им објасни кои се причините за последователните изборни порази и катастрофалниот рејтинг. Затоа иницијативниот одбор одлучи, со поддршка на мнозинството членови да свика седница на Конгресот надвор од редовниот термин“, соопшти Иницијативниот одбор, кој бара отчет за сработеното од актуелниот претседател и гласање доверба.

Во наредните денови Одборот ќе ги формира телата за спроведување на Конгресот, ќе го промовира слоганот и ќе дистрибуира покани и материјали за делегатите. Иницијативниот одбор ги повикува сите заинтересирани кандидати за Претседател на ВМРО-ДПМНЕ да достават апликации заедно со план за нивно делување.

Оттаму додаваат дека, ако Мицкоски ѝ мисли добро на Македонија и на ВМРО-ДПМНЕ, веднаш ќе се повлече од функцијата и ќе го поддржи одржувањето на вонредниот 17. Конгрес.

„Доколку смета дека направил барем една добра работа за партијата и државата во овие три години, ќе излезе и ќе ја побара поддршката од делегатите на вонредниот конгрес. Само на тој начин партијата ќе влезе обединета и со нова енергија на локалните избори наесен“, додаваат од Иницијативниот одбор.

Пратеникот Антонио Милошоски оцени вчера дека иницијативата за вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ е „статутарно неоснована“ без да даде дополнителни аргументи.

– Во моменти кога државата е хибриден режим, најкорумпирана држава во Европа, нула вакцини, 3.000 жртви, 55.000 нови невработени и многу затворени фирми, Иницијативниот одбор за свикување вонреден конгрес во ВМРО-ДПМНЕ се обидува тоа да го релативизира и да му фрли гума за пливање на Зоран Заев – рече Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Translate »