„Магрони“ ја претстави новата инвестиција: Комплетна линија за полнење вода по најсовремени светски стандарди
Следејќи ги најсовремените светски стандарди и трендови, компанијата за производство и за дистрибуција на природна минерална вода и на природна изворска вода, „Магрони“, кон крајот на минатата година, и покрај сериозните ограничувања поради пандемијата, направи значајна инвестиција од повеќе од 300.000 евра за зголемување на капацитетот и подобрување на производствениот процес на фабриката. Новата опрема веќе претставува активен дел од производствениот процес.
Се работи за опрема со највисок квалитет за полнење природна изворска вода „ладна“ во повратна PC амбалажа од 19 л и во неповратна PET амбалажа од 10 л, од реномираниот производител R.Bardi S.r.l од Фиденца, Италија. Со опремата, која е изработена од висококвалитетни материјали и елементи од машински, електро и од софтверски аспект, се модернизираше производствениот процес и се овозможи поголем капацитет за полнење висококвалитетен производ на дневна база.
Посветеноста на „Магрони“ на квалитетот и на желбата за иновација ја мотивира компанијата постојано да бара начини на кои ќе ги подобри работата и својот краен производ.
Значајни карактеристики на новата опрема за полнење вода се: висока ефикасност, најсофистициран патентиран систем на миење и дезинфекција на повратна амбалажа во пет чекори, целосно автоматизирано полнење, заштита од секакви надворешни влијанија и контаминации на производот, автоматизиран процес на апликација на капаче и етикета, како и независен пневматски уред за отстранување капачиња од повратната амбалажа. Функционирањето на опремата е во согласност со системите за заштеда на вода и на енергија, со што компанијата уште еднаш ја потврдува својата долгорочна определба за заштита на животната средина.
„Досега работиме успешно, но за да ја продолжиме успешната приказна мораме да дадеме максимум бидејќи знаеме дека потрошувачите го очекуваат токму тоа од нас. Постојано инвестираме во унапредување и во осовременување на опремата и на фабриката во целост, со цел да обезбедиме колку што е можно подобри услови за работа и најдобар можен производ за нашите потрошувачи. На крајот од денот, свесни сме дека тие во нас вложуваат нешто многу важно – својата доверба“, изјавија од „Магрони“.