Трајанов: Апсурд е во лична карта да стои етничка припадност
Според него, предложените измени со кои се предвидува покрај другите податоци, име и презиме, датум и место на раѓање, единствен матичен број, државјанство и сл., да биде впишана и етничката припадност, се против граѓанскиот концепт на државата, можат да предизвикаат дискриминација на граѓаните и да ги повредат нивните индивидуални и колективни права.
„Така, на пример, при идентификација со лична карта во банка, суд, полиција или во друга државна или јавна институција, се презентира и етничката припадност, Македонец, Албанец, Турчин, Србин, Ром, Влав, Бошњак, народите наведени во Уставот на РСМ, но и други етникуми, што навидум е право на определба на граѓаните, но во суштина значи нагласување на етничката припадност, односно можност за поделба по етничка основа и различен третман, како и поларизација и дискриминација. Во иднина некој може да побара во личната карта да се впише и религиската определба, како и други карактеристики и обележја за секој поединец или колективитет, чие изложување може сериозно да ги наруши приватните и колективните права на граѓаните. Во предлог законот нема компаративни податоци и анализи, нема образложение зошто се предлага ваква измена“, вели Трајанов.