„КОНЕСКИ – МОСТОТ ШТО ГИ ПОВРЗУВА МАКЕДОНСКИТЕ И РУСКИТЕ СЛАВИСТИ“

Во соработка со Рускиот центар при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, денеска се одржува тркалезна маса на тема „Конески – мостот што ги поврзува македонските и руските слависти“, во чест на големиот јубилеј – 100 години од раѓањето на Блаже Конески.

На дебатата, што се одржува онлајн, ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје Никола Јанкуловски потсети дека оваа тракалезна маса се одржува како дел од Програмата на манифестацијата „2021 – Година во чест на Блаже Конески“, што се одвива под покровителство на претседателот Стево Пендаровски, Министерството за култура во соработка со Министерството за образование и наука.

Ректорот Јанкуловски се осврна на ликот и делото на Блаже Конески, на оваа, како што рече, стожерна личност. Ја нагласи значајната улога на Конески, како професор, декан, ректор и почесен доктор, прв претседател на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), основач на Институтот за македонски јазик.

-Зборувајќи за Конески неизбежно е да кажеме дека тој е еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик, преведувач и прв професор, автор на фундаментални дела од областа на македонскиот јазик и македонската литература, вонсериски лингвист и меѓународно реномиран славист, потенцира Јанкуловски.

Translate »