Најголем дел од македонските граѓани и понатаму не го селектираат отпадот што го исфрлаат од домовите
Најголем дел од македонските граѓани не го селектираат отпадот што секојдневно го исфрлаат од своите домови. Статистиката покажува дека и во 2020 година, исто како со години наназад, најголем дел од комуналниот отпад што го собираме е неселектиран. Тој завршува на депониите со висок ризик за загадување на животната средина, особено во делот на почвите и водите. Проблемот со третманот на отпадот во земјава не е помрднат од мртва точка во насока на негово решавање.
https://e.infogram.com/21ab37b5-c2e0-421e-8d82-ed121fe2a3c5?parent_url=https%3A%2F%2Fmeta.mk%2Fnajgolem-del-od-makedonskite-gragjani-i-ponatamu-ne-go-selektiraat-otpadot-shto-go-isfrlaat-od-domovite-infografik%2F&src=embed#async_embed
Од вкупното количество на собран комунален отпад лани во земјава (630.086 тони), дури 83,4 отсто бил измешан комунален отпад, односно неселектирано ѓубре кое завршило на општинските депонии во земјава. Вкупно 522.745 тони на мешавина од остатоци на храна, пластика, лименки, стакло, хартија и други видови на шут завршиле во контејнерите како неселектиран отпад.
Наспроти ова, скромни 16,6 отсто од собраниот комунален отпад во земјава може да се спомене дека поминал низ примарна или секундарна селекција од сите надлежни субјекти за неговото собирање. Притоа, најмногу е селектиран органски отпад – 39.983 тони или 6,3 отсто од целокупниот собран комунален отпад. Сепак, нејасно е дали на селектираните остатоци од храна, лисја и останатиот органски отпад им е извршено компостирање, бидејќи инвестирањето во него речиси е непостоечка именка за јавните комунални претпријатија во земјава. Покрај тоа што производството на квалитетно ѓубриво е минимално, органскиот отпад е премалку искористен како биогас и биомаса за производство на енергија. Според податоците на Агенцијата за енергетика, во земјава има само една електроцентрала на биомаса и три постројки што произведуваат електрична енергија од биогас.
Лани во земјава биле селектирани 11.630 тони пластика, што е 1,8 отсто од вкупното количество на собран комунален отпад. Исто така, селектирани биле 10.513 тони хартија, 10.112 тони текстил, 3.454 тони стакло, 1.946 тони на разни видови метал и 1.005 тони гума. Сепак, учеството на овој селектиран отпад заедно во вкупниот собран комунален отпад е само 6,1 отсто. Во категоријата „останато“ на Државниот завод за статистика што се смета како селектиран отпад се вклучени 25.698 тони, односно 4,1 отсто од собраното ѓубре во текот на 2020 година.
Инаку, „Мета.мк“ во изминатиов период редовно пишува за проблемот со селекцијата на отпадот во земјава. Најголем проблем се јавните комунални претпријатија, кои се задолжени за собирање на најголем дел од ваквиот отпад низ земјава. Па така, ЈП „Комунална хигиена“-Скопје во главниот град лани успеало да селектира само 0,3 отсто од собраниот комунален отпад. Единствен позитивен пример неколку години наназад е Општина Прилеп, каде тамошното јавно комунално претпријатие селектира отпад колку цела земја заедно во текот на 12 месеци.