Владата со поддршка за уривањето на нелегалните објекти на охридското крајбрежје

Откако продолжи уривањето на илегално изградените објекти на охридските плажи, се огласија од Владата и ги поддржаа активностите.

„Владата на Република Северна Македонија ги поддржува активностите за отстранување на бесправните градби на охридското крајбрежје кои ги изведува Општина Охрид, со што ги потврдува своите заложби за посветено исполнување на препораките на УНЕСКО и за имплементацијата на „Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион“. Владата на Северна Македонија веќе обезбеди средства во износ од шест милиони денари за отстранување на бесправните објекти кои се лоцирани на крајбрежјето на Охридското езеро кои ја нарушуваат природната и културна  автентичност на регионот“, стои во соопштението.

Понатаму во соопштението стои дека со цел да се намалат штетите, да се избегнат дополнителни трошоци и да се забрза процесот на отстранување, Општина Охрид упати и апел до сопствениците на бесправни градби да постапат по решенијата за отстранување и сами да ги отстранат објектите.

„Владата на Република Северна Македонија во координација со Општина Охрид ќе продолжи да се залага за конечно воведување ред на охридското крајбрежје, кое долги години наназад беше узурпирано.

Ја поддржуваме Општина Охрид да продолжи со активностите за отстранување на бесправните градби сѐ додека не бидат отстранети сите објекти кои ја загрозуваат животната средина и го деградираат уникатното заштитено подрачје на регионот“, велат од Владата.

До средината на идниот месец плажите на брегот на Охридското Езеро плажите на потегот меѓу хотелот „Метропол“ и Пештани треба да бидат целосно ослободени од илегално изградени објекти и уредени до состојба каква што биле пред нивното издавање под концесии пред повеќе од 15 години.

Градоначалникот на Охрид Константин Георгиески најави дека активностите на терен ќе почнат после празниците.

За таа намена Општина Охрид располага со шест милиони денари средства добиени од централната власт, додека три милиони денари се дополнително обезбедени преку алокација на средства од општинскиот буџет.

Translate »