Филипче: Од денеска сум во домашна изолација, Министерството продолжува непречено да работи
Министерот за здравство, Венко Филипче, од денеска ќе биде во домашна изолација, поради контакт со градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, кој е позитивен на коронавирус.
Министерот вели дека биле подготвени и за ова сценарио и дека работата на Министерството за здравство продолжува да се одвива непречено, а тој и од изолација ќе остане во редовна комуникација со комисијата за заразни болести и сите останати инволвирани.
„По информацијата дека градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски кој вчера одржа состанок на кризниот штаб на Куманово на кој присуствував и јас, е позитивен на Ковид-19, од денеска ќе бидам во домашна изолација. На состанокот ги почитував сите протоколи за заштита и носев заштитна опрема исто како и останатите присутни.
Ги очекувам епидемиолозите од Институтот за јавно здравје кои освен со мене, ќе направат епидемиолошки анкети и со сите други функционери во Владата кои вчера беа присутни на состанокот. До добивање на епидемиолошка проценка на ризикот и насоки за понатамошно постапување останувам во изолација“, рече Филипче.
Тој вели дека властите го имале предвид и ова сценарио.
„Ние го имавме предвид и се подготвуваме и за ова сценарио. Работата на Министерството за здравство продолжува да се одвива непречено, а јас и од изолација останувам во редовна комуникација со комисијата за заразни болести и сите останати инволвирани во овој процес и продолжувам да ги координирам сите процеси во справување со кризата. Како и досега, Министерството за здравство редовно и навремено ќе информира за состојбата со коронавирусот во земјата, а прес-конференциите ќе ги правиме преку достапните онлајн платформи за оваа намена. Во текот на денот ќе се воспостави техничка можност за ова за да нема застој во однос на информирањето“, рече Филипче.