Лукаревска заменик на Заев, а Филипче, Битиќи и Спасовски потпретседатели на СДСМ: Познати доктори влегуваат во Централен одбор?

Директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, најверојатно ќе биде заменик на претседателот на СДСМ Зоран Заев во новото раководство на партијата кое ќе биде избрано по одржувањето на Конгресот закажан за недела односно за 16 мај. Извори на Фактор од партијата потврдуваат дека Лукаревска ќе ја замени досегашната заменичка Радмила Шекеринска која најави дека нема да се кандидира за раководна позиција во партијата. Таа всушност ќе се повлече од сите функции во оваа партија. Според нашите извори ќе има промени и меѓу потпретседателите. Имено за овие позиции засега како најсигурен избор се министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој и сега ја извршува оваа функција, но и министерот за здравство Венко Филипче и вицепремиерот Фатмир Битиќи. Потпретседателска функција веќе нема да има Мухамед Зекири, актуелниот генерален секретар на Владата, а не е сигурен изборот за оваа позиција ниту на актуелната партиска потпретседателка и министер за образование Мила Царовска. Инаку во јавноста се споменуваа имињата и на Беса Арифи и на Гордана Лажетиќ-Бужаровска, а информациите дека тие можно е да имаат високи позиции ги потврдува и нашиот извор поради тоа што Заев инсистира на ова место да е жена. Лажетиќ- Бужаровска била можен избор за заменик претседател за тоа место посигурна е гаранцијата за Лукаревска. 

Новото раководство на СДСМ треба да се екипира по конгресот на кој околу 700 делегати прво треба да се изгласаат членовите на Централниот одбор што е највисокиот орган на партијата меѓу два конгреса, каде се одлучува за сите битни партиски прашања кога не заседава Конгресот, како и членовите на Надзорниот одбор на партијата, орган што ја следи работата на другите органи во партијата. Според наши информации можни нови членови на Централниот одбор за кој кај Заев лобираат негови блиски соработници во партијата се директорката на Инфективната клиника Милена Стевановиќ и д-р Софија Пејкова, директор на Клиника за пластична хирургија. Во актуелниот состав на Централниот одбор на партијата се сите видни социјалдемократи, почнувајќи од лидерот Зоран Заев и заменичката Радмила Шекеринска, како и Диме Велковски, Рената Дескоска, Александар Кирацовски, Фросина Ременски, Петре Шилегов, Миле Зечевиќ, Пеце Мирчевски, и многу други социјалдемократски имиња. 

Централниот одбор треба да го избере и Извршниот одбор на партијата, тело кое е практично егзекутивен борд на партијата, односно тој е практично она што во јавноста е познато како партиско раководство и каде се носат клучните одлуки, кои подоцна најчесто се аминуваат на Централен одбор.

Во моментов членови на Извршниот одбор се министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, пораненешната министерка за правда Рената Дескоска, партискиот портпарол и пратеник Костадин Костадинов, Есра Салихи, поранешниот директор на Царина, Ѓоко Танасоски, Весна Гершан, Васко Талевски, Тања Стојановска Иванова, Фросина Ременски, Љатифа Шиковска, Стефан Богоев, Кети Василевска, Нина Велкова, Петре Шилегов, и Маринела Ојлеска.

Translate »