Можеме уште 27 години да живееме во блокада, како што беше случај со Грција или да донесеме мудри одлуки за да се откочи процесот

Премиерот Зоран Заев смета дека ако не се реши спорот со Бугарија можеме уште 27 години да живееме во блокада, како што беше случај со Грција и затоа потребни се мудри одлуки за да се откочи процесот. На денешната прес-конференција во Министерството за одбрана одговарајќи на новинарско прашање Заев повтори дека со бришењето на бугарски од бугарски фашистички окупатор од спомениците се отвора пат за решавање на спорот, но тоа не значи бришење на историјата. Историјата како што рече Заев е дека тогашната монархиско-фашистичката влада на Бугарија донесела одлука да стапи во пакт со фашистичките земји, а Македонија тогаш донела одлука да се приклучи кон антифашистичката борба.

„Бугарија ни направи блокада и со тоа го прекрши членот 2 од Договорот за пријателство. И сега можеме ние да живееме 27 години со блокада, како што беше со Грција, зошто не, тоа зависи како ќе одлучиме сите ние. Или како што ни кажува нашиот народ по истражувањата, со мудри политики, водејќи грижа за целокупното достоинство на македонскиот народ, почитувајќи ја историјата, нашата земја да продолжи да се движи кон европското семејство“, рече Заев.

Премиерот кажа дека во моментов нема никаков исчекор во решавање на спорот и дека преговорите ќе продолжат после изборите во Бугарија кои се закажани во ноември, а очекува зелено светло од Бугарија за одржување на првата меѓувладина конференција во декември. Заев кажа дека она што ќе се договори со Бугарија ќе се спроведува откако земјава ќе добие поддршка за почетокот на пристапните преговори.

„Сите ние си го знаеме добро нашето минатото, си ги знаеме предавствата кои се случувале во тоа време со окупаторот, германскиот, италијанскиот и бугарскиот кои биле овде. Но, дали ќе стиснеме заби и ќе бидеме европејци без притоа нешто да изгубиме од нашата историја, без да менуваме нешто од нашата историја туку ќе одиме со европскиот начина на општење, комуникација, соработка и ќе дадеме шанса на идните генерации, без да обвинуваме цели генерации на наследници, на деца и внуци. Зарем да се лутам на моите струмичани што едно македонско семејство го предава народниот херој Благој Јанков – Мучето, друго го зема во закрила, го крие, но после го предава. Бегајќи на влезот во паркот е убиен од бугарски офицер, неговото тело било влечено од влезот на паркот до Собранието и пола од народот го има плукнато за да се додворува на окупаторот. Дали тоа е причина да тагуваме за нашето минато и да останеме во нашето минатото или да го оквалификуваме дека тоа било малцинство, на посебни карактери на луѓе, а нашата нација е антифашистички определена. Дали ќе и дадеме шанса на иднината за да ја градиме како европска и да бидеме во Европа, се одлуки кои треба да ги донесеме“, рече Заев.

Translate »