Западен Балкан губи милијарди евра поради одливот на мозоци

Според истражувањето на Вестминстерската фондација за демократија

Земјите од Западен Балкан губат милијарди евра секоја година поради иселувањето на младите од овие простори. Ова, меѓу другото, го наведува истражувањето на Вестминстерската фондација за демократија, кое нотира дека загубата во областа на образованието поради отселувањето на младите на Запад ги чини државите од регионот меѓу 840 милиони и 2,46 милијарди евра годишно.
Студијата проценува дека Западен Балкан, исто така, губи околу 3,08 милијарди евра од растот на БДП токму поради миграцијата на младите луѓе, што е вкупно околу 5,5 милијарди евра на годишно ниво во сите држави.
Овие фрапантни бројки од година на година се различни, а структурата на тековната миграција, како што наведува Вестминстерската фондација за демократија, се менува и сѐ повеќе млади луѓе сакаат да заминат да студираат во странство.
Документот укажува дека главни причини за одливот на мозоци од овие простори се економските последици што ги донесоа војните во 90-тите, но и партизираноста и високата корупција во системите на државите.
Емил Атанасовски, директорот на Вестминстерската фондацијата за демократија за Западен Балкан, во изјава за РСЕ вели дека висококвалификуваната сила има корист од глобалната економија бидејќи земјите што се дестинации за младите се натпреваруваат да понудат подобри услови за престој во земјата за да привлечат висококвалификувани луѓе.

Првиот човек на британскиот институт за Западен Балкан вели дека за разлика од некои источни земји каде што миграцијата започна кога тие земји се приклучија на Европската Унија, миграцијата од Западен Балкан е тренд што трае повеќе од половина век.
Интересно е што во извештајот на британскиот институт се посочува дека БиХ е една од најпогодените земји со одлив на мозоци во регионот, а некои податоци покажуваат дека речиси половина од населението родено во таа земја повеќе не живее таму.
Иако не толку драстичен, сепак се потенцира и примерот со Косово, кое, според ова истражување, поради миграција на граѓаните загубило околу 15 проценти од своето население во временскиот период од 2007 до 2018 година.
Во меѓувреме, некои од последните податоци на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) покажуваат дека во просек од Македонија во минатото се отселувале и по 23.000 луѓе годишно, и тоа во периодот меѓу 2012 и 2016 година.
Според (ОЕЦД), протокот на миграција го достигна својот врв во 2015 година, кога 32.000 луѓе ја напуштија Македонија, додека тој број беше 30 проценти помал следната година.
Излезот од проблемите се гледа во квалитетно образование, економски развој и соработката на младите од регионот, како и негова интеграција во Европската Унија, посочуваат дел од регионалните познавачи на состојбите, кои активно ги следат овие случувања на Балканот.

Translate »