Пакомак во Тетово постави нова повратна вендинг машина за амбалажен отпад

Континуираната едукација на населението и потребата од зачувување на животната средина, во голема мера наметна навика кај граѓаните за селективно одложување на амбалажниот отпад. Повратните вендинг машини на Пакомак им овозможија на граѓаните отпадот да го одложуваат на местата каде најчесто купуваат, во големите супермаркети и трговски центри.

Денес во присуство на министерот за животна средина Насер Нуредини, Пакомак ја постави и првата повратна вендинг машина во Тетово во Веро Супермаркети.  Станува збор за 7-ма вендинг машина во земјава, а 4-та во Веро. Пред присутните беше покажано како работат машините и како функционира системот со „зелени поени“. Беше истакнато и дека граѓаните на Тетово добиваат еколошка алтернатива за одложување на отпадот, а за возврат да добиваат „зелени поени“ кои во моментов можат да ги искористат за купување производи од Веро, а во иднина и за плаќање на општински и јавни услуги.

„Тетово се приклучува на градовите кои имаат повратни вендинг машини. На жителите им е овозможено свесно да го селектираат отпадот и да го одложуваат на соодветно место, од каде истиот низ процесот на рециклирање ќе се искористи како секундарна суровина и ќе добие нова употребна вредност. Со ваквите машини секој граѓанин има пристап и може да го одложи отпадот и додека пазарува, лесно се применува системот на кауција со што се стимулира поеколошко пакување и задолжителен поврат на амбалажата, а граѓаните добиваат финансиски поттик за одговорното однесување“, изјави министерот Нуредини.

„Повратните вендинг машини се тренд во светот, особено во општествата каде се става поголем фокус на селектирањето и рециклирањето на отпадот. Меѓутоа, уникатноста на машините на Пакомак е во системот за повратни поени кои ги добива секој кој го одложува отпадот во нив, кои ние ги нарековме ‘зелени поени’. Во зависност од тоа колкава количина на отпад ќе одложите, толку поени ќе добиете, а потоа ќе може да ги искористите за плаќање сметки, јавни услуги или за шопинг. Преку овој систем, стотина илјади евра би се вратиле на оние граѓани кои имаат совесен пристап кон селекција на отпадот“, изјави Филип Ивановски, генерален директор на Пакомак.

Видео: https://www.facebook.com/Pakomak.mk/posts/4132930443453350

Повратните вендинг машини беа развиени од страна на Пакомак, во соработка со ФЕИТ и Фондот за иновации. Како македонски производ направен според потребите на локалното население, повратните вендинг машини на Пакомак имаат пониска цена на производство и на одржување, додека истовремено придобивката од селектирањето преку нив претставува соодветна награда која ќе им го олесни животот на граѓаните и ќе ги поттикне да го селектираат отпадот почесто.

Translate »