Локални избори: Партиите не ги чекаат официјалните резултати – сите се чувствуваат победници

Во очекување на официјалните резултати на Државната изборна комисија, најголемите политички партии ввеќе прогласија победа по првиот круг на Локалните избори што се одржаа вчера. Најмногу слави опозициската ВМРО-ДПМНЕ, од СДСМ велат дека по завршување на вториот круг ќе имаат повеќе градоначалници од главниот политички конкурент, прославуваат и ДУИ и Алијанса на Албанците кои велат дека имаат одличен резултат, слично е и во БЕСА.

Најбучно синоќа беше во ВМРО-ДПМНЕ, каде што прогласија уверлива победа. Лидерот на партијата Христијан Мицкоски на прес конференција порача дека победи народот во Македонија и дека надежта е родена, а шансата за нова иднина народот ја зема во свои раце. 

Тој оцени дека ова сепак, не е финалната победа, туку е првиот голем чекор.

„Ова е чекор кој не детерминира во она што го сакаме од нашата Македонија, просперитетна, напредна и развиена. Сигурна, интегрирана, богата. Овој народ тоа го заслужува“, рече Мицкоски, додавајќи дека ова е и голема одговорност.

Тој рече дека според резултатите на партискиот аналитички центар, ВМРО-ДПМНЕ извојувала победа во гласаето за градоначалници во општините Илинден (Александар Георгиевски), Јегуновце (Димитар Костадиноски), Карбинци (Виктор Паунов), Сопиште (Стевче Трпков), Прилеп (Борче Јовчески), Неготино (Горан Стојанов), Кавадарци (Митко Јанчев), Могила (Драганчо Саботковски), Новаци (Стевче Стевановски), Градско (Киро Нацков), Петровец (Борче Митевски), Зрновце (Борчо Коцев), Свети Николе (Дејан Владев), Бутел Дарко Костовски, Босилово (Ристо Манчев), Штип (Иван Јорданов), Велес (Марко Колев)“, Гази Баба Бобан Стефковски, Виница (Миле Петков).

Мицкоски истакна дека кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ имаат уверливо водство во Кисела Вода, Кратово, Зелениково, Чешиново-Облешево, Кратово, Ранковце, Радовиш, Конче, Ново Село, Босилово, Гевгелија, Битола, Кичево, Маврово и Ростуше, Брвеница, Аеродром, Чучер Сандево, Ѓорче Петров. 

Според Мицкоски, во повеќе од 50 општини, како и во Град Скопје, ВМРО-ДПМНЕ ќе има мнозинство во советите.

Претседателот на СДСМ Зоран Заев ги оцени синоќа локалните избори како демократски, фер, слободни и европски. Обраќајки се до јавноста тој рече дека „СДСМ и Коалицијата победуваат во прв круг или имаат сериозно водство и влез во втор круг пред ВМРО-ДПМНЕ во повеќе од 30 општини во земјава.

„Најдоброто победува и води пред ВМРО-ДПМНЕ во повеќе од 30 општини и секако во Градот Скопје“, рече Заев набројувајќи ги општините Струмица, Крива Паланка, Карпош, Центар, Шуто Оризари, Кочани, Делчево, Крушево, Ресен, Дојран, Валандово, Македонска Каменица, Богданци, Берово, Кривогаштани, Пробиштип, Пехчево, Демир Капија, Демир Хисар, Маврово Ростуше, Чашка, Росоман, Старо Нагоричане, Лозово, Конче, Арачиново, Чешиново Облешево, Дебарца, Долнени, Куманово и Градот Скопје.

„А, таму каде што води ВМРО-ДПМНЕ и влегува како прв во вториот круг видете ја структурата на гласови и ќе видите дека кандидатите од нашите коалициони партии одземаат сериозен број на гласови којшто секако се на коалицијата на прогресот во вториот круг“, рече Заев.

Тој е уверен дека на крајот СДСМ и коалицијата ќе имаат градоначалници во повеќе општини во споредба со ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција, бидејќи, како што рече, „коалиционите капацитети се сериозни, граѓаните доминантно во мнозинство се за прогрес“.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети синоќа на прес конференција посочи дека во првиот круг ДУИ победила во три општини – Сарај (Блерим Беџети), Липково (Еркан Арифи) и Пласница (Алија Јаоски), како и дека во втор круг одат со голема предност во десетина општини – Тетово, Чаир, Кичево, Струга, Желино, Теарце, Боговиње, Арачиново и Долнени. Исто така и во втор круг кандидатите на ДУИ одат во општините Дебар, Чашка, Гостивар и Врапчиште.

„Како што секогаш сме биле победници и во овој важен процес за локална самоуправа излеговме како победници“ рече Ахмети додавајќи дека ДУИ има повеќе гласови од опонентите во албанскиот политички блок за Советите во Гази Баба, Бутел, Шуто Оризари, Битола, Охрид и Чучер Сандево.

Во Гостивар победа вво првиот круг прогласи актуелниот градоначални Арбен Таравари, од коалицијата Алијанса на Албанците-Алтернатива, кој беше поддржен и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„Им честитам на сите гостиварчани што го направија овој избор. Ние имаме уште еден мандат добиен во првиот круг“, изјави Таравари.

Според податоците на ДИК, вкупната излезност во првиот круг од локалните избори била 48,99 отсто, од обработени 94,84 отсто од гласовите. Поради недоволна излезност од 25,6 отсто, изборите се поништени во Општина Центар Жупа. Како што предвидува Изборниот законик, за да бидат важечки изборите, минималната излезност треба да е 33 отсто од запишаните гласачи. Најголема излезност имало во Македонски Брод каде што гласале 73,29 отсто од избирачите во Избирачкиот список.

Translate »