Кои се новите лица на СДСМ?
Социјалдемократите денеска одржуваат Централен одбор на кој се очекува да биде предложено ново партиско раководство и да биде промовиран Советот за креирање и имплементација на политики.
На седницата на ЦО ќе се гласа и за избор на нови потпретседатели, генерален секретар и Извршен одбор на СДСМ, но не и за министерските функции во новиот владин кабинет.
Докторот Андреј Петров, поранешните високи функционери во партијата Игор Ивановски и Леонид Наков, но и професорот Мишко Ралев се дел од личностите кои се враќаат како активни чинители во СДСМ.
Се видовме и разговаравме со Димитар Ковачевски, но сè уште не ми е познато каков ќе биде мојот ангажман во партијата, изјавил за НоваТВ поранешниот пратеник и поранешен градоначалник на Општина Карпош од редовите на СДСМ, Андреј Петров.
– Да, разговаравме со претседателот Ковачевски, но не зборувавме за тоа на која позиција ќе бидам поставен. И јас ги читам написите, но ајде да почекаме до утре, оставам на Ковачевски и на органите и телата на партијата да го утврдат тоа, изјавил Петров.
Архитектот Мишко Ралев и професорот Леонид Наков ќе бидат дел од новиот Цeнтрален одбор на СДСМ, дознава Локално.
Мишко Ралев, е професор и декан на факултет за архитектура и дизајн, при УАКС, а воедно и претседател на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, а Леонид Наков е професор на економскиот факултет при УКИМ.
Нашите извори велат дека и Стефан Богоев ќе биде еден од четворицата избрани потпреседатели на СДСМ.
Стефан Богоев е поранешен градоначалник на Општина Карпош. Тој на локалните избори во 2017 победи во првиот круг со освоени 57,70% од вкупните гласови. Претходно на парламентарните избори во 2016 бил избран за пратеник на списокот на СДСМ во првата изборна единица.