Изложба на портрети од Горан Боев во Росоман

Вечерва во 20 часот во центарот за култура во Росоман ќе биде отворена изложба на ликовниот уметник од Кавадарци Горан Боев. Боев се претставува исклучиво со портрети сликани во последните три години, масла на платно во кои преовладуваат портрети на жени.

Сите портрети ги карактеризира силна експресија и емоција, во кои уметникот експериментира со боите и концептите. Автентичната и оригинална  уметност претставува  културно богатство на еден народ. Такви се и делата на Боев, во нив се чувствува енергијата и топлината на македонскиот народ, човечноста и убавината на нашите луѓе, нивната безгрижност, емпатија и оптимизам. Токму оптимизмот, природноста и спонтаноста во делата на Боев будат ново искуство кај секого кој ќе се сретне со нив.

-Уште во почетокот на моето ликовно изразување портретот беше мој голем предизвик. Од ренесансните портрети преку Караваџо и Рембрант, и повторно назад до возвишената уметност на византиските икони и фрески, се трудев да го истражам човечкиот лик од сите негови аспекти. Во мојот циклус „Визии од детството“ како главна тема почна да се наметнува детскиот лик во разни емотивни расположенија. Иако нежноста и ведрината се карактеристични за него, тие црти сакав да ги постигнам сликајќи груба рустикална основа со богат колорит, претходно нанесена на платното со сликарски нож- вели овој исклучително талентиран ликовен уметник кој последниве години постепено од детски премина на портрет на девојка или жена.


-Сега размислувајќи за убавината на женскиот лик, барем така ми се чини, се подобро ја изразувам „трагедијата“ на времето, кое толку брзо минува. Можеби убавината во својот зенит од една страна и нејзината немоќност да опстои, нејзината брза минливост од друга страна, стана главен поттик на мојата заложба таа женска убавина да ја зачувам на моите платна од забот на времето. Сепак без разлика дали се работи за детски, машки или женски портрет, мислам дека и на публиката и на уметникот во оваа време на пандемија, на разни рестрикции и меѓусебна отуѓеност, повеќе од кога било им треба уметноста на портретот, убавината на човечкиот лик. Можеби човештвото во својата суета и каприц премногу длабоко влезе во сферата на илузијата и лажните вредности, занемарувајќи го неговиот лик, без разлика дали е тажен или среќен. Со меѓусебна грижа и наклонетост треба да се вратиме едни кон други, а јас со своите портрети потсетувам дека всушност постоиме едни за други- објаснува ликовниот уметник Горан Боев.


За поетесата Марјонка Андоновска од Неготино уметноста на Горан Боев е како вода што непресушно тече и го насликува животот во напливот на инспирација, онака како што тој го доживува сето она што го опкружува, но и она што го носи во душата, она што е невидливо за останатите.

Translate »