Димитар Лабудовиќ: врвен женски тенис ќе гледаме ова лето во Скопје
Димитар Лабудовиќ е познат тениски експерт, тренер на нашата најдобра тенисерка на сите времиња Лина Ѓорчевска, истовремено капитен и одговорен за „Били Џин Кинг Купот“ кој ова лето во организација на Тениската Федерација на Македонија се одржува во Скопје од четврти до десетти јули.
Се работи за престижен тениски турнир во женска конкуренција во кој ќе се натпреварува и нашата земја, а ќе не претставуваат Лина Ѓорческа и Магдалена Стоилковска. Во конкуренција на земји како Португалија, Ирска, Конго и Јужна Африка, се очекува да гледаме врвен тенис.
Доаѓаат квалитетни тенисери, што севкупно ветува одлична игра и феноменални тениски натпревари. Настан кој што не треба да се пропушти и мора да се гледа во живо, а влезот во ТК Југ каде ќе се случуваат натпреварите е бесплатен.
labudovic-i-kristijan-vangelov.jpg
- Што овој куп значи за нашата земја?
После повеќе од 20 години женскиот професионален тенис се враќа во Македонија. Ова е прилика за нашите професионалци (Лина и Магдалена) да играат професионални мечеви на домашен терен за прв пат во нивните кариери иако професионално се натпреваруваат повеќе од 10 години. Особена чест им припага и на јуниорите да бидат дел од најдобрата репрезентација и настан пред нивните најблиски. Но морам да признаам дека задоволството е големо и за мене како долгогодишен тренер на Лина и BJK Cup капитен да го предводам тимот во Скопје пред нашата публика. Овој настан како и сите машки професионални турнири кои се случуваат овој период ќе придонесат за популаризација на тенисот во Македонија, ќе поттикнат заинтересираност кај помладите, но и ќе ги донесат сите вистински љубители на тенисот во ТК Југ, во живо да гледаат тенис. Овие месеци тенисот ќе биде број еден спорт во земјава, и илјадници луѓе ќе имаат можност да уживаат во убавината на овој спорт. Секако ова е поттик и можност за спонзорите да го поддржат тенисот, и преку своите активности да остварат контакт со бројната публика.
- Дали доаѓаат тенисери, кои се во горниот дел на WTA листата?
Ќе имаме многу интересни тенисерки, кои можеби не се во топ 100, но се во подем и многу брзо напредуваат. Она што со сигурност можам да кажам дека нашиот тим во Лина ќе го има најдобриот рангиран играч на ВТА ранк листата на овој BJK Cup и во сингл и во двојки. Моментално некои од репрезентациите имаат играчи кои се во топ 350/400 на светската листа како што се Јужна Африка, Ирска и Бурунди. Останатите играчи се над 400/500 место на ВТА ранк листата но сепак и тоа се позиции кои заслужуваат целосен респект.
- Кои се вашите очекувања за нашата репрезентација?
Не би бил јас доколку не го сакам најдоброто и најголемиот успех од овој турнир, а тоа е пласман во II Евро-африканска зона. Нашиот тим е зрел за тој резултат и мислам дека со поддршка и полни трибини на ТК Југ можеме да го оствариме зацртаното. Моја филозофија како тренер а тоа секогаш и го говорам на Лина е да играчите уживаат цела недела додека трае турнирот. Да се чувствуваат убаво на терен, и да го дадат својот максимум, а кога сето тоа ќе се постигне мислам дека резултатот сам ќе дојде.
lina-gjorcheska.jpg
- Вие сте и тренер на Лина Ѓорческа и долги години во тенисот. Што се е потребно еден играч се најде во топ 100 на ранкинг листата?
Секое дете кое почнува барем малку попрофесионално да се бави со тенис и во најмалите години сонува некогаш да биде топ 100 играч, без разлика дали тоа е ВТА или АТП ранкингот. Но таму стигнуваат многу малку играчи и патот до таму навистина е доста тежок.
Потребна е 100% посветеност. Многу часови на работа на тенискиот терен, многу часови на работа и надвор од теренот, а тоа значи откажување од многу работи кои се карактеристични за луѓето кои не се професионални спортисти. Распоредот е напорен, турнир, по турнир многу патувања играње во континуитет со недели и очекувања за континуирани резултати. Притоа она што е најважно играчот да биде здрав и да ги избегне оние најтешки повреди кои доведуваат до месеци и месеци рехабилитација и отсуство од тренажен и натпреварувачки процес.
- Што е поважно, талент или напорна континуирана работа?
Има примери во светскиот тенис на огромни таленти но лоши работници и обратно огромни работници но лоши таленти. Моето мислење е дека некоја комбинација и од двете работи е потребна!Меѓутоа во последните години се повеќе се покажува дека макотрпната работа може да донесе голем успех и да надвладее над талентот. Како и за се останато во животот така и во тенисот потребно е да се склопи тој вистински мозаик од многу делови за да се биде врвен тенисет.
- Интересот за тенис во нашата земја расте, а со тоа расте и бројот на активни тенисери и тенисерки. Што да очекуваме во блиска иднина?
Искрено се надевам дека блиската иднина носи добро за нашиот тенис. Овие турнири кои се организираат во месец јуни и јули ќе помогнат за уште поголема популаризација и ќе им помогне на нашите играчи да заработат поени и да напредуваат на АТП ранк листата. Искрено се надевам како одговорен за професионалниот женски тенис во Македонија, дека ТФСМ ќе организира и женски професионален турнир до крајот на годината за што веќе дискутираме внатре во федерацијата. Организирајќи такви турнири ќе ги натераме нашите јуниори да останат во професионалните води бидејќи се повеќе од нив се одлучуваат по завршување на средното образование да одат во САД на колеџ. Сите овие настани ќе ни помогнат да не се грижиме за нашата тениска иднина
izvor Gol.mk