Македонски Телеком донираше вреден апарат на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје

Kлиниката за гинекологија и акушерство во Скопје доби значајна донација од Македонски Телеком. Станува збор за современ, мултифункционален апарат за анестезирање на пациенти кај коишто се спроведуваат оперативни зафати од гинеколошка и акушерска природа. Ова е прв ваков апарат на клиниката и воопшто во земјава, обезбеден согласно со потребите на клиниката за подобра грижа за пациентите. 

Директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство доц.д-р.Викторија Јовановска изјави: „Овој апарат значајно ќе им помогне на сите, но особено на ризични пациентки коишто се изложени на примање на анестезија за време на тешки и долги оперативни зафати.. Станува збор за технолошко достигнување кое ќе биде на услуга при повеќе од 3000 сложени гинеколошки оперативни зафати кои годишно се изведуваат на нашата клиника. Оваа донација е уште позначајна бидејќи ја добиваме во време на значително намален капацитет на постоечката апаратура поради искористеност, како и период во кој инвестициите беа значително намалени поради периодот на пандемијата.

Проф.д-р. Сивевски, Раководител на Одделението за интензивна нега, анестезија и реанимација изјави: „Основната функција на апаратот е  анестезирање на пациентите во гинеколошката и акушерската проблематика. Придобивките од апаратот, кој е супериорен како по карактеристиките, така и по квалитетот се големи  затоа што ќе се користи кај сите пациенти…

Обезбедувањето на овој апарат кој е единствен од овој тип во државата, ќе ги надополни капацитетите со досегашната опрема, што пак значително ќе влијае на непречено функционирање на оперативниот програм“.

„Македонски Телеком е дел од оваа заедница и има одговорност да придонесе за развојот на општеството и добросостојбата на луѓето во Македонија. Ние имаме обврска не само да креираме врвни дигитални решенија кои им помагаат на луѓето во секојдневниот живот, туку и активно да учествуваме со општествено корисни активности од интерес на сите. Се надеваме дека со оваа донација ќе се овозможат подобри гинеколошки услуги за родилките и новороденчињата на кои тоа им е најпотребно. Како општествено одговорна компанија ќе продолжиме да поддржуваме проекти кои ја отсликуваат нашата заложба за подобар живот за сите“. – изјави Главниот извршен директор на Македонски Телеком, Никола Љушев.

Translate »