Анкета: Половина од Грците сметаат дека сега е моментот за решение за името
Нешто помалку од половина испитаници или 48,3 отсто се согласуваат дека грчката влада треба во овој момент да се стреми кон постигнување решение на прашањето за името, покажуваат резултатите од последното истражување на јавното мислење во Грција, спроведено од агенцијата „Rass“ за грчката телевизија „Action24“.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, на прашањето „дали се согласувате или не со мислењето дека условите за решавање на скопското прашање се поволни и владата треба да се стреми кон негово решавање сега“, 43,8 отсто од анкетираните одговориле дека се согласуваат, а 4,5 отсто дале одговор „веројатно се согласувам“, 40,7 отсто рекле дека не се согласуваат, а 3,2 отсто оти веројатно не се согласуваат. Одговор не дале 7, 8 отсто.
Според деталната анализа на истражувањето, од оние кои што поддржуваат решение во овој момент, мнозинството се жени (51,9 отсто), на возраст од 17 до 34 години (60,1 отсто), на последните избори гласале за СИРИЗА (55,2 отсто), а местото на живеење им е во јужниот дел на Грција (58,9 отсто).
Од друга страна, тие што не се согласуваат или веројатно не се согласуваат со ставот дека условите се поволни за решение, се на возраст од 35 до 44 години (50,3 отсто), мнозинството се мажи (50,6 отсто), на последните избори во 2015 гласале за Нова демократија (59,3 отсто), а живеат во северна Грција (48,3 отсто).
Во однос на политичката сцена во Грција, опозициската Нова демократија и понатаму е во предност пред владејачката СИРИЗА со разлика од 10.3 отсто.
Претседателот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис е најпопуларен лидер на политичка партија во Грција, а во однос на тоа кој е посоодветен за премиер, дали тој или актуелниот Алескис Ципрас, Мицотакис има предност од 10,7 отсто.
Во истражувањето на агенцијата „Rass“ за грчката телевизија „Action24“, спроведено од 29 до 31 мај, биле анкетирани 1.002 лица преку телефонски интервјуа.