ПРЕД КРИЗАТА „КОПАВМЕ“ 600 ЕВРА МЕСЕЧНО, А СЕГА „ГРЕБЕМЕ“ ЗА 100 ЕВРА Цената на струјата го фрли бизнисот со криптовалути под стечај

Денешна цена од 1.350 евра за 1 етер помножено со 0.13 би дошло 175 евра приход месечно, минус околу 70 евра сметка за струја со поскапување. Кога крипто пазарот беше во зелено, заработка со ваков перформанс беше и преку 600 евра месечно, објаснува за Плусинфо крипто експертот Дарко Симуновски.

Економската и енергетската криза во којашто се наоѓа земјава сериозно ги погоди лицата кои легално се занимаваат со рударење, односно копање криптовалути, а главната причина е зголемената цена на електричната енергија, како и падот на цените на овие валути кои значително се намалија.

Ништо веќе не е исплатливо, па дури ни бизнисот со криптовалути, вели скопјанецот Бојан, кој од неодамна одлучи да ги „пензионира“ машините за копање биткоини.

– Имав 5 машини кои ми служеа за копање криптовалути, но со новото поскапување на струјата сфатив дека овој бизнис веќе не е исплатлив. Машините ми беа сместени на долниот кат од куќата, а во изминатите неколку години заработував толку колку да не морам да одам на работа. Плус, машините толку многу го загреваат просторот, па јас дури и да не користев греење во зимниот период. Заработувачката беше скромна, но со оглед на тоа што имав само 5 машини, можам да кажам дека бев задоволен. Но, новата цена на струјата ме натера да се откажам од овој бизнис, а и многу мои колеги кои се занимаваат со истата работа веќе се откажаа или се во процес на откажување. Во игра се само големите играчи кои поседуваат цели „фарми“ за производство на криптовалути. Верувам дека нивната заработка сѐ уште е премногу висока за да би се исплашиле од високите сметки за струја, ако воопшто ги плаќаат – објаснува нашиот соговорник.

Дарко Симуновски, крипто експерт

Во разговор за Плусинфо уредникот на tokenpaddock.com и крипто експерт Дарко Симуновски открива зошто рударите на криптовалути кај нас губат интерес за овој бизнис преку кој се остваруваа солидни приходи.

Izvor Plusinfo.mk

Translate »