Путин ги испрати русите во војна, па отиде на спа викенд: „Одмор за душата и телото“ (ФОТО)
Владимир Путин во средата наутро испрати илјадници руси во војна во Украина, а потоа замина на спа викенд. Независните руски медиуми пишуваат дека по низа потреси, рускиот претседател решил телото и душата да ги одмори во својата резиденција на езерото Валдај. За тоа сведочат три извори запознаени со распоредот на претседателот.
Видеото на кое Путин прогласува „делумна мобилизација“ беше објавено во 8 часот наутро, но речиси е сигурно дека видеото е претходно снимено бидејќи рускиот претседател обично спие во тоа време.
Подоцна истиот ден, Путин отпатува за Велики Новгород, каде посети техничко училиште и концерт. Веднаш по концертот, според упатените, Путин решил да се одмори од јавните активности и да замине на одмор кој ќе трае најмалку една недела.
Од друга страна, упатените од Кремљ тврдат дека во наредните денови прес-службата ќе објавува видео снимки од Путин во друштво на разни соработници, но наводно сите тие видеа биле однапред снимени и на овој начин Москва сака да создаде впечаток дека претседателот работи континуирано.
Едно од тие видеа е веќе објавено, а на него Путин се дружи со стариот другар Виталиј Мутко.
Вистинското јавно враќање на Путин се очекува следниот четврток кога ќе посети голем индустриски регион. Друг извор од Кремљ наведува дека Путин од средата е во својата резиденција на езерото Валдај во Новгородската област.
До куќата има спа комплекс со кал бања и базен. Во овој дел има и терен за хокеј, каде што претседателот на Русија сака да ги собира пријателите и да игра хокеј.