Игор Ангеловски-Фудбалски селектор кој ја препороди македонската А репрезентација
Фудбалскиот менаџер, селектор или главен тренер има доминантна улога во еден национален тим. Ги следи противниците, подготвува тактика за секој натпревар, креира долгорочна стратегија за тимот.Тој ги одредува 11-те играчи кои ќе играат на натпреварот, дава инструкции за време на натпреварот, ги мотивира играчите. Едноставно тој е мозокот на тимот! Од него се почнува, со него завршува, секако со поддршка од федерацијата.
Неговата одговорност е многу голема: Тој ги тренира играчите да размислуваат како единка, а истовремено настојува секој од нив индивидуално да настапува со максимална концентрација, интензитет и вештини. Мора да има високи компетенции во справувањето со луѓето, со медиумите, со пошироката јавноста.
Изложен е на голем притисок!
Мора да покаже компетентност, силно познавање за играта и да демонстрира храброст и решителност во најтешките ситуации. Снаодливоста е особено посакувана особина, а егото е пожелно да биде што помало. Многу одговорности сконцентрирани во еден лик!
Со својот тим на соработници постојано скаутира млади и перспективни играчи, создава поширок список на квалитетни фудбалери. И секогаш треба да ги одбере најдобрите, за конкретен натпревар.
Ако се изгуби натпревар, критиката е пред се врз него!
Ќе се сложите не е лесно да се биде селектор, тренер на еден национален тим.. И не секој може да биде.
Игор Ангеловски, успешно го положи тестот. Изгуби неколку први натпревари, но со играта ни влеа надеж, дека имаме перспектива, иднина. Внесе многу позитивна енергија во А фудбалската репрезентација на Македонија. Промовира нов напаѓачки концепт, поттикна храброст и самодоверба за спротивставување и на фудбалските велесили. Конечно не врати пред малите екрани, овозможувајќи со нетрпение да го чекаме секој следен натпревар на А репрезентацијата. Внесе слога, тимски дух, пожртвуваност и синергија меѓу играчите. Резултатите дојдоа. Го победивме Израел на гости, Нерешено со Албанија, со големата Италија, го победивме Лихтенштајн. Изигравме нерешено со Турција на пријателски натпревар, ја победивме Белорусија. Толку позитивни резултати во континуитет не сме имале никогаш. Имаме силен, перспективен тим кој може да се носи со секој.
Тоа можеме да го покажеме веќе на 11 ноември на арената Филип Втори кога на гости ни доаѓа за нас традиционално незгодната Норвешка.
Да ја поддржиме Македонија од трибините! Да гледаме уште една фудбалска претстава, која сите ќе не израдува и сплоти. Пандев, Несторовски, Хасани, Трајковски, Барди и останатите Ве очекуваат на трибините.