ДИГИТАЛНАТА ТРАНСФОРМАЦИЈА Е НЕОПХОДНА ЗА БИЗНИСИТЕ – Бизнис конференција на Македонски Телеком
Македонски Телеком ја организираше втората Т Бизнис конференција под мотото „За нови дигитални перспективи“. Конференцијата се одржа во Велес, со фокус на мали и средни компании од источна, централна и од западна Македонија, како и на институционални корисници. Целта останува иста: да се промовира помасовно користење на дигиталните решенија, што ќе придонесе за забрзување на дигиталната трансформација на општеството.
Експерти од Македонски Телеком презентираа и отворија дискусија на темите: сајбер безбедност, клаудификација, дигитална канцеларија, дигитални управувани услуги и паметни ИКТ решенија.
– Дигиталната трансформација денес е неопходна за бизнисите. Наша задача како технолошки лидер и доверлив партнер е да го поттикнеме и забрзаме тој дигитален премин, што е уникатна можност за економски раст и развој на целото општество. Токму затоа веруваме дека знаењата и решенијата за дигитализација треба да се споделат со што е можно повеќе компании низ цела Македонија, за сите заедно да можеме да одговориме на предизвиците на модерното време – изјави Марјан Богатиновски, главен директор за деловни корисници на Македонски Телеком.
Решенијата коишто беа презентирани се дел од портфолиото на Македонски Телеком, а освен постојните, се презентираше и ново оригинално решение за управување со електрична енергија, коешто е креирано и произведено од Македонски Телеком. Се најави и продолжување на развојот на иновативно решение за телемедицина, коешто ќе направи целосен пресврт во медицината во времето што доаѓа.