За премиум станбени проекти секогаш има голем интерес: Се одржа втората Конференција за комерцијални недвижности во Скопје

Се одржа втората Конференција за комерцијални недвижности, организирана од страна на компанијата ФОРТОНМКА, која  и оваа година предизвика голем интерес, поради актуелноста и важноста на темите за кои се разговараше. Дискусијата се водеше на шест различни панели, пред повеќе од 350 луѓе, кои имаа можност да се запознаат со последните иновации и трендови на пазарот на недвижности.

На конференцијата земаа учество домашни и меѓународни експерти за недвижности, кои имаа можност да дознаат повеќе за моменталната состојба на пазарот и за факторите кои ќе влијаат на неа во иднина.

Преку внимателно дизајнирани панели и теми, Конференцијата отвори дискусија на повеќе важни теми од индустријата за недвижности, со цел да ја поттикне професионална дебата меѓу врвни професионалци, инвеститори и градeжници кои разговараа за последните трендови и предизвици во полињата на Урбанизација и урбанистичко планирање, Бизнис згради, Пазар на станбен простор и предложија одговори на некои од горливите проблематики што ја опкружуваат оваа гранка.

Модератор на Конференцијата беше Џејмс Дирсли, извршен директор на британската компанија Verv, кој е еден од водечките глобални гласови во индустријата за недвижности.

Интересот за изградба на згради за живеење бил, е и ќе биде голем, не само во Скопје, туку и во другите градови. Сведоци сме на многу интензивен раст на изградбата на станови во изминатите можеби 20 години во Скопје. Честопати се поставува прашањето дали има простор за уште станови. Пазарот го прави побарувачката. Сѐ додека таа побарувачка функционира, тогаш и инвеститорите имаат мотивација да продолжат со реализација на планираното, односно се додека испорачаните станови се купуваат пазарот ќе биде динамичен За сега, постои голем интерес, становите освен за домување се купуваат за различни намени (канцаларии, апартмани за краток престој) како најприфатлива инвестиција за македонските граѓани. Тоа ги охрабрува вложувањата во резиденцијалниот сегмент каде што и времето за поврат на инвестицијата е најкратко во споредба со другите класи на комерцијални недвижности”, појасни за Миа, Катарина Николов, извршен директор и партнер во компанијата ФОРТОНМКА, организатор на Конференцијата за комерцијални недвижности.

Според неа, недостига канцелариски простор д А класа. За негопостои интерес, иако повратот на инвестицијата и динамиката на реализација на овие проекти не се такви како кај станбените објекти.Целта на конференцијата е пазарот на недвижности да го кренеме на едно сосема поинакво ниво. Главната цел е да поставиме сериозна платформа за вмрежување, комуникација, размена на искуства и знаења. Секогаш ќе се одвојуваат проектите, посебно во иднина, кои се добро обмислени, што, покрај тоа што го нудат, имаат, колку и да звучи едноставно, доволен број паркинг места, или имаат соодветна инфраструктура, кои се поставени со внимание кон специфичните потреби на заедницата”

За време на паузите помеѓу панелите присутните имаа можност да видат и презентации поврзани со темите и со домашниот пазар на недвижности. Почетната презентација на тема „Создаваме влијание, креираме вредности“ од страна на организаторот ФОРТОНМКА се одржа пред почетокот на првиот панел, а потоа следуваа презентациите на Elena Luka Home, Balfin Real Estate и Edge Facility Management.

Банките и осигурителните компании се важен сегмент кој ја поттикнува побарувачката за недвижности. Според панелистите од финансиските институции добар проект, посебно оние  со висок ЕСГ рејтинг секогаш добиваат поддршка.  На ова се надоврзаа од Балфин кои истакнаа дека инвестицијата во недвижности е особено исплатлива опција. На панелот Hospitality според Константин Карагунов инвестициите во хотели се повеќе од исплатливи, а банките тоа го поддржуваат.Балканот е како скриен дијамант, со огромни инвестициски можности во хотелиерството, а тоа е така бидејќи постојат природни убавини, и огромен неиоскористен потенцијал, но важно е државата да го регулира овoј сегмент, бидејќи постои сива економија, предизвикана од издавањето преку букинг.мк и Airbnb.

„Конференцијата за недвижности  е одлична можност да се зборува за клучната улога што осигурувањето ја има во процесот на финансирање на проекти од голем обем какви што ни беа претставени денес на оваа конференција. Имавме можност да ја истакнеме врската помеѓу осигурувањето и банките со кои заеднички го оформуваме пакетот што е потребен за еден проект да биде финансиран и во исто време заштитен од сите ризици во секоја фаза. Говоревме и за важноста од имплементација на системи и процеси кои управуваат со влијанието на проектот врз животната средина, за ние да можеме да обезбедиме квалитетно и поволно осигурување, изјави Марија Томеска, претседател на Управен одбор на Еуролинк осигурување “

Олга Дервенџи од Фортон Македонија која ја водеше панел дискусијата на тема бизнис згради, во своето воведно излагање истакна дека во светот најбогатите луѓе имаат портфолио инвестиции токму во бизнис згради. Претприемачите во Македонија треба да се охрабрат да инвестираат во бизнис недвижности, во деловни згради истакна Горјан Максимовски од ESS Properties,бизнис зградите ја зголемуваат својата вредност, и ако се издаваат, обезбедуваат сериозен приход, и се одлична инвестиција.

Македонија заостанува во инвестициите во бизнис згради истакна Зоран Арсов од Delight Office solution. Потребен е агилен дизајн и простор кој е прилагоден на вработените, и канцеларии кои поттикнуваат поголема продуктивност. Денес веќе се зборува за зелени згради, објекти со енергетска ефикасност, со кои се минимизира негативното влијание врз животната средина, и на тоа мора да се размислува, бидејќи тоа е иднината. Недостасуваат офис паркови, технички паркови, треба да се развива сегментот бизнис згради, беше заклучок на овој панел.

За Кам како најуспешен ланец супермаркети во Македонија, од голема важност е ажурноста во средувањето на ДУП-овите, конзистентност во реализацијата на плановите, соодветен пристап и паркинг, за инвестициите да имаат разумен тек во соодветен временски опфат, изјави Дејан Манев-Директор за експанзија, градба и опрема во Кам на панелот сектор малопродажба. Катарина Николов истакна дека капацитетот за трговски центри во Скопје е целосно исполнет, а за секој успешен трговски проект, 80% од планирањето на можните закупци и содржините се прави уште пред почетокот на градбата.

На последниот панел за резиденцијални објекти се истакна дека цените на становите зависат од локацијата, комуналии, но и од тоа што е вложено во еден објект, и тие нема да се намалуваат, бидејќи има побарувачка за добро изградени станбени проекти, и цените може и да растат во иднина, истакна Елена Лука. Според Имер Селмани цените се под просекот во регионот, а трендовите се да не се купува само дом, туку и опкружување (градинка, школо, банка, маркет, и се друго). Цените на градежните материјали се покачени, како и работната рака, која е лимитирана. Војната во Украина предизвика голема инфлација, и невиден раст на цените и платите изјави Зоран Азманов. Веќе плочки ако порано се ределе за 5 евра сега е веќе 20 евра по м2, цената по квалификуван работник е околу 3000 денари како дневница, порано било 1200 денари. Покачени се комуналиите.  Профитабилноста денес е многу помала. Сето ова влијае на цените на становите, кои растат насекаде во светот. Во Белград достигнаа до 7-8000 евра по м2.

Според Сашо Цветковски од ФОРТОНМКА, младите преферираат помали станови од 50 м2, а инвеститорите го следат тој тренд. Но стандардот е низок, и тоа влијае на сите, додаде Елена Лука.  Правилата ги поставуваат локалните власти, тие го планираат урбаниот простор, и тука е потребна регулација и правилно планирање децидни беа сите панелисти.

Крајот на Конференцијата го одбележа коктел-забавата за присутните, која се одржа по завршувањето на сите панели и завршното обраќање.

Првата Конференција за комерцијални недвижности се одржа минатата година, исто така во организација на ФОРТОНМКА, македонската консултантска компанија која на домашниот пазар за недвижности успешно работи веќе 13 години. Идејата е оваа Конференција да прерасне во традиционален настан кој ќе понуди простор за јавна дебата на важните теми од полето на недвижностите, опфаќајќи ја професионалната сфера, пошироката јавност и секој кој е заинтересиран да дознае повеќе за сегашните и идните трендови во оваа индустрија.

Translate »