Ротари клуб Скопје Центар организираше Економски форум: AI во македонската економија – Нови хоризонти за раст и развој

Панелистите на форумот со несебичен и силен ентузијазам ги запознаа и дискутираа со присутните за начините на интеграција на ВИ во деловните процеси, етичките и регулаторни аспекти на примената на оваа технологија, како и за можностите за поттикнување на иновациите и претприемништвото преку користење на вештачка интелигенција

Скопје, 18.11.2024 година – Ротари клуб Скопје Центар со гордост ја информира јавноста за одржаниот Економски форум „AI во македонската економија – Нови хоризонти за раст и развој“, на кој над 150 членови и пријатели на Ротари слушнаа уникатни искуства и корисни информации од врвни експерти за примената на вештачката интелигенција (ВИ) во економијата и нејзиниот потенцијал за поттикнување на економскиот раст и развој на Македонија.

Бројните учесници на Економскиот форум, кој се одржа на 11.11.2024 година во хотел Мериот, имаа можност да се запознаат со најактуелните трендови, најголемите предизвици и најдобрите можности што ги нуди вештачката интелигенција, а презентирани од Томе Ефтимов, менаџер за Вештачка интелигенција во TeamLift, Димитар Трајанов, истражувачки професор на Универзитетот во Бостон, САД, Ивана Саздовска, менаџер за операции во Pixyle.ai, и Христијан Ѓорески, водечки научник за вештачка интелигенција во Emteq.

Панелистите на форумот со несебичен и силен ентузијазам ги запознаа и дискутираа со присутните за начините на интеграција на ВИ во деловните процеси, етичките и регулаторни аспекти на примената на оваа технологија, како и за можностите за поттикнување на иновациите и претприемништвото преку користење на вештачка интелигенција. 

„Ни претставува огромно задоволство и чест што како Ротари клуб со овој Економски форум дадовме значаен придонес за доближување на темата Вештачка интелигенција до компаниите и до сите заинтересирани граѓани. На форумот беа разменети идеи, искуства и предлози за тоа како македонската економија може најдобро да се адаптира на глобалните трендови и да го искористи потенцијалот на ВИ за унапредување на продуктивноста и конкурентноста. Како Ротари клуб сме секогаш посветени на менување на општеството на подобро и верувам дека овој форум е уште еден придонес во таа насока“, изјави г-ѓа Искра Ветаџоковска, претседател на Ротари клуб Скопје Центар.

Форумот беше посебно значаен бидејќи им овозможи на учесниците да дознаат повеќе за конкретни начини на кои вештачката интелигенција може да се примени за зголемување на ефикасноста и за остварување на одржлив развој, со посебен фокус на можностите за создавање поголема продуктивност и конкурентност во работењето и за подобрување на квалитетот на живот.Со овој форум Ротари клуб Скопје Центар ја продолжи традицијата, со која еднаш годишно собира на едно место истакнати експерти, членови на Ротари и бројни наши пријатели за да дискутираат и разменат корисни искуства за актуелни теми и состојби во општеството.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Translate »