Кафето поскапе, но тешко дека ќе се откажеме од уживањето во него!

Влегувањето во новата година со себе го носи традиционалното размислување за претходната, но и проценка на предизвиците што не очекуваат. Гледајќи ги настаните од перспектива на производителите на кафе, нема многу причина за славење. Цената на сировото кафе на светскиот пазар е двојно зголемена во последните 12 месеци, а домашните производители се соочуваат со истите проблеми што доминираа претходната година, сега уште поинтензивни. Да потсетиме дека пред само еден месец цената на кафето Арабика ја достигна највисоката цена од 1977 година.

Изминатата година беше турбулентна за оваа индустрија, со предизвици кои доаѓаат од повеќе правци. Климатските промени, како што се неповолните временски услови во главните региони каде се одгледува кафе, како што се Бразил, Виетнам и Колумбија, доведоа до намалени приноси. Сушите, мразовите и обилните дождови ги уништија посевите, предизвикувајќи недостиг на суровини на глобалниот пазар. Покрај тоа, проблемите со синџирот на снабдување, како што се недостатокот на контејнери и високите транспортни трошоци, дополнително ја забавија испораката на кафе. Пристаништата доживеаја големи доцнења поради регионалните конфликти и лошата логистика.

Скокот на цените на енергијата и суровините дополнително ја искомплицираа ситуацијата. Низ светот, изминатата година беше исполнета со балансирање на зголемените трошоци и очекувањата на потрошувачите.

Истите проблеми се пренесоа и во новата година, со сериозни последици и не ја заобиколија Македонија и регионот. Домашните производители, соочени со овие предизвици, мораа да го прилагодат своето работење за да ги задржат стандардите за квалитет кои се клучни за зачувување на довербата на потрошувачите. Корекцијата на цената беше неопходна, бидејќи од тоа зависи понудата на висококвалитетни зрна кафе. Без овие мерки, загрозувањето на квалитетот може да доведе до губење на довербата на потрошувачите и да го загрози бизнисот на долг рок. Корекцијата на цената овозможи одржување на стабилноста на понудата.

Гледајќи напред, цените на суровините може да се очекува да бидат стабилни само доколку глобалниот пазар и климатските фактори се стабилизираат. Експертите посочуваат дека овие фактори не се поправаат лесно и не се знае кога глобалниот пазар целосно ќе закрепне, но можно е натамошните поскапувања да бидат поумерени.

Глобалното зголемување на цената на кафето сега е многу повеќе од обичен пазарен феномен, бидејќи кафето е толку сакано во целиот свет што е неизбежно неговото поскапување да влијае на нашиот секојдневен живот. Факт е дека ќе треба да платиме повеќе за нашиот омилен пијалок за да уживаме во него, но тешко е да се поверува дека тоа ќе ја намали љубовта и пиењето кафе кај нас.

Translate »