Марјан Богатиновски, Телеком:  Во неколку општини развивме функционални решенија за паметно осветлување, контрола на потрошувачката на вода и автоматизација на процесите

Дигитализацијата на бизнисите и на општеството е природна еволуција – очекуван исход од развојот на технологиите, поттикнат од потребите на нашите граѓани и компании. Ние сме сведоци на раст на интересот на бизнисите и на институциите за новите дигитални решенија коишто им решаваат многу предизвици. Ако порано нашите презентации и конференции за вакви решенија се сведуваа на коментари од посетителите од типот „ова е интересно”, сега гледаме многубројни конкретни барања за што побрза реализација и имплементација. Позитивните искуства на корисниците брзо се пренесуваат. Иако беше потребно подолго време овој процес да стекне поголем интензитет, сметам дека сега тој е незапирлив.

Македонски Телеком има повеќекратна улога во воведувањето на дигитализацијата во сите сфери на општеството. Ние сме де факто технолошки лидер, со соодветна мрежа, ресурси и процеси за поддршка на ваквата еволуција. Од една страна, како членка на  Групацијата Дојче Телеком, ние ги споделуваме заедничките искуства и експертизата. Од друга страна, ние сме извор на млади кадри коишто создаваат решенија овде, во Македонија, во нашиот Развоен центар за напредни решенија. Исто така, нашата улога ја гледаме во промоцијата, едукацијата и советодавните активности за нашите корисници за тие да можат да го извлечат максимумот од имплементираните решенија.

Имаме неколку принципи од кои се водиме при создавањето дигитални решенија. Како прво, велиме дека нудиме резултат а не само услуга. Корисникот мора да има мерлива корист од решението: треба да знае точно колку заштедил вода, електрична енергија, колку се подобро осветлени јавните површини, колку интернет закани се откриени и спречени, колку клиенти дознале за неговиот производ преку нашата платформа за комуникација итн. Второ, решенијата се сеопфатни – се трудиме да обезбедиме наш хардвер, софтвер, мрежа, безбедност… Ова ни го овозможува третиот принцип: да ги приспособуваме решенијата на конкретниот корисник, бидејќи не може едно исто решение да биде еднакво добро за сите корисници. Многу е важно што решенијата ги нудиме како управувана услуга од Македонски Телеком – корисникот не треба да инвестира однапред, туку плаќа месечно за пристап до услугата, онолку колку што користи.

Во неколку наши општини веќе имаме развиено функционални решенија за паметно осветлување, контрола на потрошувачката на вода и автоматизација на процесите. Се работи за решенија коишто значително го подобруваат квалитетот на живот на нашите сограѓани. Со паметното осветлување се штеди електрична енергија, се обезбедува значително подобра осветленост на коловозите и тротоарите и се поедноставува процесот на одржување на осветлувањето. Паметните водомери коишто ги инсталиравме како пилот-проект во неколку општини овозможуваат далечинско читање на потрошувачката, идентификација на несакано истекување, далечинско намалување на протокот или запирање на водата (на пример, во викендички или за интервенција), алармирање за злоупотреба на водомерот… Системот за контрола на електричната енергија ни обезбедува далечински увид во електричните параметри во реално време, но и можност за вклучување и исклучување на напојувањето, како и управување со струјата генерирана од соларни панели. Сите овие решенија имаат значителна компонента на подобрување во управувањето со стратешките ресурси, но и за зачувување на природните ресурси, што е исклучително важно за сите.

Развиваме и решенија за телемедицина и дигитално здравство. Со нив се обезбедува, на пример, лекар-специјалист во Скопје да чита медицински резултати од Гевгелија, наместо да патува до таму. Со ова се скратува времето на чекање на дијагнозата, што честопати значи многу за пациентот. Понатаму, матичните лекари можат да добијат медицински уреди коишто се аплицираат кај пациентот дома додека лекарот го следи од својата ординација. Со ова се подобрува дијагностиката и се поштедува пациентот од патување, што е особено важно за повозрасните и тешко подвижните пациенти. Истиов принцип може да се примени и во амбулантно возило – додека пациентот се пренесува, на пример, од Пехчево до Скопје, лекарите специјалисти од Скопје можат далечински да ги надгледуваат неговите витални параметри, да му даваат совети на медицинскиот персонал во возилото за апликација на лекови и да се подготват за интервенција кога ќе стаса пациентот. За конкретните резултати од првите примени, меѓу кои и спасувањето животи, подобро би објасниле матичните лекари и специјалистите коишто веќе ги користат.

Prevzemeno od Faktor.mk

Translate »