Ана Несторовска-Саздовска „Арс Ламина“: Со учество на Саемот на книга 2025 ги поттикнуваме читачките навики кај сите генерации и ги правиме книгите подостапни за сите

„Саем на книгата“ претставува врвна културна манифестација – за нас како издавачка куќа, но и за целиот книжевен свет во нашата земја. Ова е вистински празник за читателите, кој на едно место ги обединува сите актуелни издавачи, писатели, книжевници и љубители на пишаниот збор.

Оваа година саемот е од 8-14 мај и повторно во арена Борис Трајковски. Мотото на овогодишниот Саем на книга 2025 е „Храна за душа“ и нè потсетува на суштината на читањето како начин на хранење на нашите мисли, емоции и внатрешниот свет.

На саем се оди не само за купување книги,  туку за да се нахраниме со идеи, со емоции и со зборови што остануваат.

„Саем на книгата“ е важна платформа преку која на читателите им ги доближуваме најновите изданија и им овозможуваме средби со писателите и илустраторите. Со секое учество на овој значаен настан, ја продолжуваме нашата мисија да ги поттикнеме читачките навики кај сите генерации и да ги направиме книгите подостапни за сите граѓани. Саемот е место за промоција на новитети, размена на идеи и искуства, како и за создавање нови соработки и проекти.

Под слоганот „Храбри нови приказни“, оваа година „Арс Ламина“ ја збогатува домашната книжевна сцена со повеќе од 100 нови наслови и богата понуда од над 1.000 книги:  детска литература, белетристика, популарна психологија, стручна литература, книжевни класици и друго. Книгите ги правиме подостапни со попусти до 80%, специјални понуди на книги за 50, 100 или 200 денари, како и сетови од популарни автори по намалени цени.

На нашиот штанд традиционално организираме потпишување книги, средби со автори и креативни работилници за деца. На програмата за деца се: настан инспириран од книгата „Се викам Храброст“, дружба со Исидора Мун и Мирабела, како и со Хари Потер. Ќе имаме едукативни настани со списанијата „Ѕвезди“, „Прв детски клик“ и „Детски клик“, „Нови бајки од Македонија“, средба со писателот Александар Русјаков (по повод сликовницата „Девојчето и куклата што патува“) и со Илина Мангова (инспирирано од нејзината книга „Градоначалник“ од едицијата „Големи зборови за мали уши“).

За возрасната публика подготвивме разновидна содржина: на 9 мај го одбележуваме Денот на победата над фашизмот со партизанскиот роман на Моџо Килингтон „СФ-СН“ и „73 дена“ од Иво Митев-Жиле. Ќе има потпишување книги со Никола Маџиров, Владимир Мартиновски, Владимир Јанковски, Јана Мишо, Јована Матевска-Атанасова, Кристина Краличин и Билјана Герасимовска. Фановите на Дарко Панчев ќе имаат можност за средба со легендарниот фудбалер, а ќе организираме и вкусно дружење со нутриционистот Антонио Велковски („Ајде да јадеме“). Планиран е и книжевно-музички настан во чест на роденденот на Ѓорѓе Балашевиќ (11 мај), со книгата „Панонскиот адмирал“.

Ана Несторовска-Саздовска „Арс Ламина“:

Translate »