Горан Боев: Уметникот ја слика својата реалност и нè потсетува дека имаме душа. Неговите платна се сведоштво на духовноста, традицијата и топлината на луѓето од овие простори

Нашиот голем Петар Мазев еднаш рече: „Мојата уметност ја сметаат за грда, но такво е и времето во кое живееме. Сепак, јас и во грдото се обидувам да го најдам убавото.“ Секој уметник на свој начин се справува со времето и просторот во кои живее.

За Горан Боев уметноста не е само занает или професија, туку повеќе како повик и духовна мисија. Неговите платна се сведоштво за духовноста, традицијата и топлината на луѓето од овие простори. Сликар кој во приватниот живот е многу скромен, ненаметлив, но сепак мудар кај кого е забележлива љубовта кон уметноста. Најдобро се изразува со четка во рака, а веќе повеже од три децении создава безвременска уметност која никого не остава рамнодушен.
Во ова искрено интервју, Боев зборува за својата уметничка филозофија, за предизвиците на современото творештво и за тоа што значи да се остане верен на убавината, дури и кога времето во кое живееме не ја препознава.
Магистер по ликовна уметност, професор по ликовно образование во
Кавадарци и почесен граѓанин на градот, Боев е уметник со длабока духовна и филозофска визија. Неговиот потпис стои на фреските во параклисот во манастирот Свети Јован Бигорски, како и на бројни дела што ја збогатуваат културната сцена на Тиквешијата и пошироко.

На почетокот, оставивте силен белег со вашите авангардни и метафорични масла на платно, но сте се обиделе и во други дисциплини – илустрација, апстракција, класичен пристап. Од каде доаѓа желбата за постојана промена?
Горан Боев: Да се експериментира со различни техники и стилови е природно и, би рекол, неопходно – особено во младоста. Мислам дека е погрешно уметникот рано да се врзе за еден стил или техника само заради препознатливост. Тоа често е резултат на „ликовна суета“, која ние уметниците, за жал, ја носиме во себе.
На крајот, делото треба да живее само за себе. Дури и кога на него не стои потпис, неговата вистинска вредност останува. Важно е што преку него ни се пренесува, а не кој стои зад четката.

Колку средината во која живеете влијае на Вашето творештво? Како успевате да се оддалечите од секојдневието и да запловите во уметничкиот свет?
Средината има силно влијание и врз темите и врз стилот. Уметникот често е критичар на времето во кое живее, но не треба да заборави дека поседува специфичен Божји дар. Тој дар треба да го користи за создавање убавина, дури и кога околностите не го поттикнуваат тоа. Уметникот е трагач по убавината. Нашиот голем Петар Мазев еднаш рече: „Мојата уметност ја сметаат за грда, но такво е и
времето во кое живееме. Сепак, јас и во грдото се обидувам да го најдам убавото.“ Секој уметник на свој начин се справува со времето и просторот во кои живее.

Дали се чувствувате како пионер или вдахновувач на нешто ново во
македонската уметност?

Не, воопшто не се чувствувам така, ниту се стремам кон тоа. И самите материјали што ги користам платно, четка, боја зборуваат дека сум приврзаник на класиката. Современата уметност денес оди во сосема поинаков правец – концепти, дигитална уметност, инсталации, но јас верувам дека како што компјутерот не ја замени книгата, така и новите медиуми нема да го заменат платното и четката. Тој непосреден контакт со материјалот е незаменлив.

На што работите во моментов?
Во моментов сум дел од тим што изведува фасадно сликарство во Кавадарци – проект што ќе му даде нов визуелен белег на градот. Паралелно работам на фигуративни платна каде доминираат коњи, бикови и женски ликови – композиции со интензивни бои и силна емоција. Тие теми ја носат душата на нашиот народ и топлината на македонската традиција.

Што би им порачале на младите уметници кои штотуку почнуваат да
твораат?

Не сум човек со премногу години, но имам доволно искуство за да им порачам нешто искрено. Бидете благодарни за дарбата што ви е дадена од Бог. Не дозволувајте мрзеливоста да ви го закопа талентот.
Сакајте го тоа што го работите, трудете се да создавате убавина, затоа што убавината бара труд, а трудот станува задоволство кога нешто се прави со љубов.
Не бркајте брз успех, чекор по чекор, создавајте дела што ќе остават трага и ќе го облагородат општеството во кое живеете.

Translate »