Избори на 12-ти април – Граѓаните да одлучат!
По негативниот исход од состанокот на Европскиот совет во Брисел,
политичките лидери во државава се согласија дека нема друга алтернатива
освен евроинтеграцијата, но и закажаа предвремени парламентарни избори
на 12 април.
Тие на лидерската средба што се одржа на иницијатива на претседателот
Стево Пендаровски се согласија дека мора да продолжат евроинтегративните
процеси на државата, а датумот на избори го определија консензуално
имајќи го предвид процесот на ратификацијата на Протоколот за членство
на земјава во НАТО.
– Имаме јасен државен консензус од релевантните политички лидери во нашата земја дека стојат зад идејата Република Северна Македонија што е можно поскоро да ги почне тие преговори и што е можно поскоро да ги заврши преговорите и да стане полноправна членка. Сите присутни на средбата се согласни дека немаме проблем со евентуална нова и подобрена методологија за водење на пристапните преговори. Сите присутни на средбата рекоа дека немаат проблем ако новата методологија подразбира реверзибилност на процесот, значи едно поглавје кога ќе го затворите, ако трендовите во таа област се негативни, слободно може да не вратат назад, па дури и на самиот почеток од процесот. Немаме од што да се плашиме, тоа е во наш интерес и во интерес на нашите граѓани, изјави претседателот Пендаровски по завршувањето на првиот дел од средбата.
Ставот дека нема друга алтернатива за државата освен евроинтеграцијата го потврдија во своите изјави и сите лидери на политички партии кои присуствуваа на лидерската средба.
Според нив, изборите се неминовни и се надеваат дека граѓаните ќе кажат во кој правец ќе се движи државата во иднина. Изразија надеж дека изборите ќе бидат фер и демократски.
– Верувам дека граѓаните мудро ќе донесат одлука со која ќе го трасираат патот по којшто ние политичарите, кои ќе добиеме поддршка, ќе ја водиме нашата држава, изјави премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев, кој во саботата го даде предлогот за одржување на брзи предвремени парламентарни избори.
За лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, изборите се неминовност по се она што се случувало во државата. По изборите, како што рече, ќе следи обновата на државата и бескомпромисна работа со цел „Македонија да ја ставиме на брза лента“.
– Битно е дека имаме нова реалност. Реалноста е дека на 3 јануари 2020 година ќе имаме нов технички премиер, ќе имаме нова техничка влада, а на 12 април 2020 ќе имаме победник на предвремените парламентарни избори, а тоа ќе биде, сигурен сум, Обновата за Македонија, изјави Мицковски.
Според лидерот на ДУИ, Али Ахмети, важно е предвремените парламентарни избори да се демократски и да победи најдобриот.
– Во детали разговаравме за најдобриот можен момент за предвремени парламентарни избори. Исто така, оценивме дека од наш заеднички интерес е да почекаме да се ратификува Протоколот за НАТО од земјите членки, коишто се уште го немаат ратификувано и исто така се договориме и нашето Собрание да го ратификува Протоколот и да го усвои Законот за одбрана. Откако ги исцрпивме сите аргументи, заеднички одлучивме да ги одржиме предвремените парламентарни избори на 12 април следната година, изјави Ахмети.
За помалите албански партии, изборите се можност да се донесат промени во државата кои ќе бидат за доброто на сите граѓани.
На средбата не се разговарало за персоналните решенија за техничка влада, но она што засега е познато е дека техничкиот премиер ќе ја презеде функцијата од 3 јануари.