Обвинителката побара максимална казна за Грујевски

Максимална затворска казна за поранешниот началник на Петтата управа, Горан Грујевски, побара обвинителката Ленче Ристоска на денешните завршни зборови на рочиштето за случајот „Тврдина 2“.

Таа побара судот да ги цени отежнителните околности, односно тоа што обвинетиот иако знаел дека постапката е во тек, избегал.

За останатите шестмина обвинети, Ристоска побара алтернативна казна и побара судот да ги цени отежнителните околности како тоа што ниту една од нив не се покајала за дејството, но и олеснителните околности како тоа дека ниту една од обвинетите нема никаква дамка во службата во претходното работење.

Ристоска во своето излагање рече дека мотивот за уништувањето на документацијата е очигледнони јасно – „да се уништат доказите за лицата кои го правеле прислушувањето”.

„Во текот на постапката успеавме да докажеме дека обвинетите ја уништиле документацијата поврзана со системите за прислушување. Обвинетиот Горан Грујевски презел низа незаконски дејствија. Тој немал законска надлежност да формира комисија за ништење на документите. Според Законот за архивско работење, Државниот архив мора да даде одобрение за ништење на документите“, рече Ристоска.

Таа рече и дека ова се докажало со низа дописи кои Грујевски ги испратил до комисијата, а и тие ги враќаат до него. Исто така, Ристоска рече дека не постои барање до Архивот за ништење на документи.

Како што рече обвинителката, биле ништени документи од 2007 до 2015 година, што значи дека не станувало збор за годишно ништење на документи.

„Намерата да се сокријат докази доаѓа и од фактот дека процесот на ништење на документацијата започнал во исто време со ништењето на системите за прислушување. УБК нема посебна процедура за ништење на материјали, што значи требало да ангажираат фирма за ништење, а не документите да ги палат во базата во Петровец“, рече Ристоска.

Адвокатот на Грујевски, Љупчо Шврговски побара судот да ги ослободи обвинетите од обвиненијата, бидејќи во овој случај не постои кривично дело.

Адвокатите Миле Петровски и Петар Василев во своите завршни зборови ја спореа надлежноста на СЈО за овој случај. Рочиштето се уште трае.

Превземено од Novatv.mk

Translate »