Ана Јовковска: Пет работи кои никогаш не би ги направила
Ана Јовковска е новинарка и пи-ар експерт, активистка и хуманистка, иницијаторка и учесничка во различни граѓански и социјални движења, екологист, борец за човекови права, авторка на текстови од областа на медумите, културните идентитети, креативните индустрии, родовите студии, љубител на седмата уметност, бескраен почитувач на театарот, модераторка на трибини и јавни собири, ко-основач на првиот Автономен културен социјален центар во Скопје.
1.Никогаш не би ја продала слободата за ниедна цена! Кога човек ќе се научи да работи по личен вредносен компас, тогаш нема простор за компромиси, безкичмењаци и калкулации. Никогаш не би прифатила да работам по туѓo свирче, особено ако немаме ист вкус за музика 🙂 Сум имала различни понуди за работа, но секогаш пресудна ми била не висината на работната позиција, туку ширината на светогледот на луѓето со кои работам.
2.Никогаш не би поддржала флаширана вода, оти сметам дека водата е човеково право, а не луксуз. Со пакувањето во пластични шишиња, водата станува дел од индустријата и од бизнисот. Ја сакам живоста на водата
3.Никогаш не би се откажала од пишувањето без разлика во која форма и да е… поезија, проза, есеи, новинарски статии, колумни, интервјуа, академски текстови, креативни слогани, ПР кованици, па дури и кратки, модерни фејсбук статуси 🙂 Зборот е мојот лек! Во сите негови значења и бои. Само зборот и срцето може да ја дофатат мислата.
4.Никогаш не би се откажала од мојот велосипед. На точак, сега, секогаш и во секое време 🙂 Со велосипедот се чувствувам полетна, свесна и одговорна кон воздухот и кон здравјето. Велосипедот е мојот еколошки став. Тоа е борба против загадувањето и борба против брзиот начин на живот на четири тркала.
5.Никогаш не би ги запоставила и манипулирала моите најблиски и најсакани! Топлиот дом значи топли и искрени односи. Денес тоа значи нашата весела игра и смеа со бебето Алекс и кучето Ада.