Радиоактивен облак забележан над Европа
Последните неколку недели над Европа е регистриран радиоактивен облак, објави францускиот Институт за нуклеарна безбедност (ИРСН ). Постојат индикации дека проблемот го предизвикал објект за нуклеарен материјал во Русија или Казахстан во последната недела од септември. И федералната канцеларија за заштита од радијација на Германија објави зголемување на радиоактивноста во воздухот во Западна и Централна Европа, но оттаму велат дека не постои опасност за здравјето на луѓето. Канцеларијата забележа дека на 29 септември во Германија, Италија, Австрија, Швајцарија и Франција се зголеми нивото на рутениум 106 изотоп.
Институтот за нуклеарна безбедност на Франција, сепак не може да утврди точната локација каде настанал инцидентот, но врз основа на метеоролошките услови , најверојатно е во зона меѓу Урал и реката Волга. Од Русија соопштија дека немало инцидент на нивна територија, а францускиот институт не успеа да го контактира Казахстан.
Во последните недели институциите за нуклеарна безбедност во Европа се сретнуваат со високи нивоа на изотопот Рутениум 106. Рутениум 106 се користи за онколошка радиотерапија , а понекогаш е извор на енергија за напојување на сателити.
Од францускиот институт велат дека количината на измерениот Рутениум 106 бил помеѓу 100 и 300 терабекерели. Појаснуваат дека при инцидент со сличен интензитет во Франција е предвидена евакуација на луѓе во радиус од неколку километри од местото каде се случил инцидентот.