Заев: Ќе ја нападнеме Македонија со цевки од сите страни
Со предлог буџетот за 2018 година Владата предвидува 35,7 милиони евра за процесот на гасификација. Како што изјави денеска премиерот, Зоран Заев, тоа се околу 5 милиони евра повеќе од претходната година.
Во план е средствата да се инвестираат во изградба на мрежа кон Прилеп, Битола, Гостивар и Тетово.
-Гасификацијата продолжува онаму каде што застана. Ќе ја нападнеме Македонија со цевки од сите страни. Еден дел од парите ќе се вложат за експропријација, а еден дел за цевки. Ќе бидат отворени и повици до инвеститори за учество во јавни приватни партнерства – посочи тој.
Предлог буџетот предвидува и 3,2 милиони евра за изградба на универзитетот „Мајка Тереза“, кој беше отворен од страна на претходната власт. Заев изјави дека во план е изградбата на објектот да започне со засилено темпо и дека ако има потреба ќе се издвојат повеќе средства за оваа намена.
Заев најави промена во јавните набавки кај институциите. Од први декември, рече тој, секој договор од државна институција ќе може да се реализира само ако прво се објави на веб страната на институцијата.
-Целта е да го направиме потранспарентно трошењето на јавните пари. Кај јавните набавки постои голема можност за корупција и ќе направиме се за да ја намалиме комплетно. Наша трајна определба е борбата против корупција. Десетици милиони евра можат да се заштедат на ваков начин – посочи тој.
Освен тоа, Владата разгледува и воведување на мерка за секој повраток на ДДВ кај стопанството да биде јавно објавен како податок.
Буџетот за 2018 година предвидува намалување на непродуктивните трошоци и зголемување на капиталните инвестиции. За капитални проекти во план е да се издвојат над 400 милиони евра.
Буџетските приходи се проектирани на 3,1 милијарди евра или за 4,7 отсто поголеми од буџетот за 2017 година, а буџетските расходи на 3,4 милијарди евра, или повисоки за 4,1 отсто.
-Зголемувањето на буџетските приходи го планираме со зголемување на акцизата. Парите ќе завршат во капиталните инвестиции за образованието, здравството, општините и другите важни сегменти. Целта ни е да не го зголемуваме дополнително јавниот долг. Сакам да напоменам дека зголемувањето на акцизата е минимално во однос на европските препораки – порача Заев.
Дефицитот во предлог буџетот е проектиран на пониско ниво од претходната година, односно на 2,7 отсто од бруто домашниот производ, а Владата прогнозира раст на БДП од 3,2 отсто. Како што изјави Заев дефицитот ќе се финансира со задолжувања на домашниот и надворешниот пазар, односно со издавање на нова еврообврзница.
Тој посочи дека не се предвидени поголеми даночни промени за 2018 година и покрај најавите за прогресивно оданочување на персоналниот данок.
Фокус.мк