Спречени мигранти да дојдат на границата кон Македонија

Грчката полиција спречила околу 200 мигранти и баратели на азил да го напуштат Солун и да се упатат на границата кон Македонија со надеж дека оттаму ќе го продолжат својот пат кон земји-членки на Европската Унија.

Десетина полицајци во опрема за сузбивање на нереди, користеле штитови за да ги сопрат мигрантите во близина на центарот на Солун, а патот им го блокирале и полициски автобуси.

Мигрантите, меѓу кои повеќето од Сирија, Ирак и Сомалија, се собрале во текот на денот во Солун, а многумина велат дека пристигнале таму по повик упатен на социјалните мрежи што се однесувал на марш кон грчко-македонската граница, во знак на протест поради неможноста да преминат во други европски земји.

„Немам причина да останам тука. Тука сум шест месеци. Не можам да работам, не можам ништо“, изјави Ахмед Мохамед, барател на азил од Сирија.

Луѓето кои се собраа во Солун велат дека планирале околу 70 километри да поминат пешачејќи кон север до Идомени, каде се наоѓаше големиот бегалски камп што беше отстранет минатата година, откако балканските држави ја затворија популарната мигрантска рута кон ЕУ.

Макфакс.мк

Translate »