Бугарија го одобри договорот за добрососедство со Македонија

 
Владата на Република Бугарија на денешната редовна седница го одобри текстот на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Македонија, соопшти прес-службата на Владата во Софија. – Потпишувањето на договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Македонија е израз на желбата на Бугарија да изгради модерни добрососедски односи засновани на европските вредности, изјавил премиерот Бојко Борисов за време на денешната седница на Владата. Тој, како што пренесува БТА, истакнал дека повеќе години неколку бугарски влади од целиот политички спектар биле ангажирани во преговорите потпирајќи се на бугарскиот национален интерес. Според Борисов, посетата на премиерот на Македонија Зоран Заев на Софија и изразениот став кон заедничката историја е прв чекор во напорите за изградба на нов дух во односите со соседите. – Европската унија го оцени договорот како прв чекор и нов почеток за развој на европската перспектива на Македонија, додал Борисов. Според него, со потпишувањето на договорот ќе биде отворена нова страница во односите меѓу двете земји и ќе се востановат односи на искрено пријателство. Очекуваните резултати од потпишувањето на договорот треба да бидат соработка на билатерален и на меѓународен план, унапредување на транспортните врски и комуникации, издвојување средства за регионални инфраструктурни и прекугранични проекти, како и за олеснување на контактите меѓу граѓаните на двете земји, се наведува во соопштението од прес-службата на бугарската влада.

Translate »