Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ нема да се одложи
Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ ја отфрли иницијативата на дел од членовите на партијата за одложување на Конгресот. Од партијата соопштија дека гласањето за нов лидер, сепак, ќе се одржи викендов во Валандово.
„Извршниот комитет дискутира во врска со јавно објавената иницијатива од страна на повеќемина актуелни и поранешни функционери. Иницијативата објавена во медиумите не доби поддршка од Извршниот комитет, кој одлучи да не ја предложи на денешната седница на Централниот комитет на партијата. Извршниот комитет ја разгледа и информацијата за подготовките за одржување на вонредниот 16. конгрес, кој ќе се одржи на 22 и 23 декември во Валандово“, соопштија денеска од партијата.
Триесет високи партиски функционери јавно побараа одложување на конгресот за февруари поради, како што наведуваат, нелегитимен и нетранспарентен процес за избор на претседател. Борис Змејковски, Илија Димовски, Антонио Милошоски, Трајко Вељановски, Марта Арсовска-Томовска, Илчо Захариев, Никола Бакрачески, Крсто Јовановски, се дел од потписниците на отвореното писмо, во кое, меѓу другото, обвинија и дека се фаворизира само еден кандидат за кој се трошат партиски ресурси, но и дека се вршеле притисоци и закани врз делегатите од страна на партиски членови на раководни функции.
Од ВМРО-ДПМНЕ денеска соопштија и дека дека Извршниот комитет вчера ја разгледал и усвоил анализата за одржаните локални избори, на која изминатиов период работел поширок тим.
„Анализата опфаќа куса, сублимирана верзија за причините за изборните резултати, но и детаљна обработка на информациите и согледувањата по општински комитети. Во согласност со заклучокот на Извршниот комитет, таа денеска ќе биде презентирана на состанокот на Централниот комитет“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.