Советот за реформи во правосудството се распаѓа – Уште една оставка!

Професорката Мирјана Најчевска поднесе оставка како член на Советот за реформи во правосудството. За нејзината одлука писмено го известила Министерството за правда и останатите членови. Ова е втора оставка, откако претходно и професорот Гордан Калајџиев најави повлекување од Советот.

Најчевска преку социјалните мрежи порача:

-Изминатиот период јасно покажа дека ова тело е формирано само како параван за решенија кои се носат на друго место и служи за создавање лажна слика дека некаков екпертски тим има влијание врз реформските процеси во правосудството. Фактички, ова тело нема пристап до никакви информации, нема удел во ниту едно реформско решение, и, не учествува во анализите на законите кои се менуваат, порача Најчевска преку социјалните мрежи.

Советот за реформи во правосудството е формиран во јули 2017 како дел од владиниот акциски план за реформи 3 – 6 – 9. Во составот на ова тело влегуваат 17 надворешни  и пет члена од Министерството за правда. Претседател е министерот за правда, Билен Саљији.

Translate »