Уапсен Израелецот вмешан во скандалот со трговија на органи во Косово
Израелецот Моше Харел е уапсен на Кипар, под обвинение за вмешаност во шверц со човечки органи во Косово, скандал што се случил пред десетина години.
Властите во Приштина побараа негова екстрадиција , соопшти косовската полиција.
Полицијата го обвинува Израелецот дека трагал по луѓе на кои им била потребна трансплантација на бубрег и дека во Косово носел донатори на тие органи од Турција и држави од поранешен СССР , ветувајќи дека ќе им плати за органите по 12 илјади евра.
Примателите на органи најчесто Израелци плаќале од 80 до 100 илјади евра, а некои од донаторите никогаш не ги добиле парите.
– Осомничениот е уапсен пред неколку дена на Кипар врз основа на меѓунарден налог за апсење.На потерница бил од 2010 година – изјави портпарол на косовската полиција.
Во 2012 бил уапсен во Израел , но не бил екстрадиран на Косово, бидејќи двете земји немаат воспоставено дипломатски односи.
Русија исто така издала меѓунaродна потерница за негово апсење. Синџирот на трговци со органи дејствувал со помош на Клиниката Медикус на периферија на Приштина, чиј директор Љутфи Дервиши во 2013 година беше осуден на осум години затвор поради органзииран криминал и трговија со човечки органи додека неговиот син Арбан е осуден на седум години затвор.