Јапонски астронаут пораснал за 9 сантиметри во вселената
Јапонскиот астронаут Норишиге Канаи, во текот на 3-неделниот престој на Меѓународната вселенска станица пораснал за 9 сантиметри, јави руската агенција ТАСС. Агенцијата го цитира постот на Канаи во Твитер:
“Денес имам важна порака. Медицинските прегледи направени на Меѓународната вселенска станица покажаа дека мојата висина е зголемена за 9 сантиметри. Ова се случи за само три недели”, напишал астронаутот.
Дури и кога бил во средно училиште, Норишиге не растел толку многу.
Јапонската вселенска агенција предупреди дека поради недостаток на гравитација во вселената, висината на човекот може да се зголеми за 1-2 сантиметри. Но, досега, не е забележано ваков рекорд од 9 сантиметри.
На 19 декември минатата година со ракетата “Сојуз”на МВС пристигнаа Русинот Антон Шкаплеров, Американецот Скот Тингл и Јапонецот Норишиге Канаи.
Според планот, оваа екипа ќе остане во орбитата околу четири месеци.