Канадските мултимилијардери пронајдени обесени покрај нивниот базен
Една од најбогатите брачни двојки во Канада, Бари и Хани Шерман се пронајдени обесени покрај базенот во еден од нивните имоти кој бил на продавање. Полицијата случајот го води како двојно убиство или самоубиство . Истражните органи не сакаат да ги коментираат мотивите ниту можните сторители, но во тек е обемно испрашување на сите кои на некој начин се засегнати со ова злосторство. Бари Шерман и неговата сопруга се познати по нивните добротворни донации и филантропија. Сопственици се на фрамацевтскиот гигант “Апотекс”. Последен пат биле видени на 13 декември,а два дена подоцна, нивните тела, обесени со ремени во ” полуседечка” позиција , биле пронајдени во една од многубројни куќи кои ги ставиле на продажба.
И додека полицијата одбива да коментира за случајот, во јавноста протекоа детали од приватната истрага, која паралелно со полициската ја води семејството на починатите. Мажот и жената најверојатно биле врзани пред да бидат обесени, пренесуваат медиумите блиски до семејството. Но, на местото на убиството, не се најдени јажиња ниту какви било други трагови. Според приватната истрага нема дилема дека двојката била сурово ликвидирана.
Богатството на Бари Шерман се проценува на 3,2 милијарди долари.
Тој во бизнисот влегол како студент, работејќи за вујко му кој поседувал фармацевтска компанија “Емпајр Лабораторис”. Кога вујко му починал, тој ја купил фирмата. Потоа ја продал и со парите ја основал својата компанија “Апотекс”, со која заработил цело богатство. Неговите братучеди од страната на починатиот вујко, покренаа судски спор против него, обвинувајќи го дека ги измамил со продажбата на фабриката на татко им. Тие побараа дел од новата компанија, но судот го отфрли ова барање. Бари Шерман беше и под истрага за незаконско финансирање на Трудо, пред тој да стане премиер на Канада.