1000 евра на ден за кафеански седенки трошеле општините
Истражувањата на СКУП покажаа дека општините не штеделе на репрезентација. Општина Охрид за само еден ден набавила 50 килограми јагнешко. Не е јасно кој се омрсил. Ништо подобри не се ниту другите општини. Некои од нив набавувале бисери, златни ланчиња, плишани играчки
Педесет парчиња јагнешко ги чинело 17.500 денари, 30 парчиња сирење – 7.500 денари а десет килограми кашкавал 3.880 денари. Вкупно 30.324 денари, или 500 евра платила општина Охрид на фирмата „Кам импекс“ за недефинирана „угостителска“ услуга.
Но, ова не е рекордот на охридската администрација. Некој оттаму во еден ден ставил потпис на фактура за потрошени 41.580 денари или околу 650 евра, исто така за ресторантски услуги каде што се мезело и јадело од салати и ракии, преку скари, вина, па се до чоколадни торти и коњак.
НА КАФЕАНИ ТРОШАТ СИТЕ – И СИРОМАШНИТЕ И БОГАТИТЕ ОПШТИНИ
Пржените тиквички, рижото со морски плодови, месо на селски начин, лигњи на скара, сладолед, торта и овошје……, не биле доволни во еден ден на еден или на повеке „поврзани“ гоштевања со даночните пари, па нарачани се уште 40 порции од менито „7“. А ова мени предвидува салата, главно јадење како риба или скара и секако на крајот десертот.
Ова е една од сликичките за охридската администрација. Патем, парадоксот е и во фактот што општина Охрид е една од најзадолжените општини во Република Македонија.
Ресторанските трошоци се карактеристични и за речиси сите други и поголеми и побогати, но и помали и посиромашни општини. Од народните пари не штеделе охридските бирократи, но не се штедело ниту во урбаните, ниту во руралните средини. Најчесто народните пари за водовод, одвод и слично се трошат на ресторантски услуги кои во просек изнесуваат од 100 до 350 евра на ден. На ресторанските маси се изнесувало вино, ракија, виски, коњак, салати, риба, разни други морски плодови, торти, јаткасти плодови, кафиња….
Според истражувањето на Скуп, за последните пет години најголеми „трошаџии“ се граѓаните на општината Новаци. Веднаш по неа се општините Велес и Вевчани. Додека пак, најмалку пари по глава на жител потрошиле од Шуто оризари, Аеродром и Бутел.
(ставете го курсорот врз топките за повеќе детали)
ФАКТУРИТЕ ЕВИДЕНТИРААТ ХРАНА И ПИЈАЛОЦИ НО И ЦВЕЌЕ, ИГРАЧКИ, НАКИТ, ЗЛАТНИЦИ, СУВЕНИРИ
Златник, златни ланчиња, посребрени мечеви и неизбежните скара, вино, салати, слатки… на секојдневното „мени“ на општинските градоначалници.
Кој и дали воопшто некој ги контролира буџетите на општините особено делот за репрезентација со кои неприкосновено и се чини нелимитирано располагаат првите луѓе на македонските комуни.
Kако трошеле општините за репрезентација последниве 5 години? Кликните на некој пиновите кои ги означуваат општините за сите детали. Зголемете ја мапата со тркалцето на Вашето глувче за да ја најдате вашата општина
Увид во документацијата на СКУП може да направите со кликање на линкот подолу
Општините кои не одговорија – Дали кријат криминал?
На барања за слободен пристап до информации од јавен карактер до општините, и покрај потсетувањата не одговорија следниве општини:
Чаир, Сарај, Карпош, Бутел, Демир Капија, Илинден, Петровец, Зелениково, Дебарца, Крушево, Струмица, Кривогаштани, Македонска Каменица, Карбинци, Росоман, Неготино, Кавадарци, Василево, Студеничани, Теарце, Маврово и Ростуша, Боговиње, Желино, Врапчиште и Долнени.
Дел од општините одговорија дека надлежните се на одмори, од општина Кривогаштани рекоа дека немаат скенер, а дел од нив воопшто не одговорија на нашите е-мајлови.
И ДО 1.000 ЕВРА НА ДЕН ЗА КАФЕАНСКИ СЕДЕНКИ
Во фокусот на нашиот интерес беа парите за репрезентација што преку општинските буџети градоначалниците си ги предвиделе, а мнозинството советници им ги изгласале.
Според фактурите што ги добивме се гледа дека во многу општини се трошеле големи суми на угостителски и на хотелски услуги. Сумите достигнуваат дури и до 1.000 евра на ден.
Покрај овие услуги кои се наменети за гости на општината, може да се забележи дека често општините трошат пари од репрезентација и за приватни цели. Најчести примери се ручеците, ноќевањата во хотели, како и подароци и сувенири.
Она што е интересно за сиромашната и урбано запоставена општина Демир Хисар, на пример,се ресторантските трошоци. Реализирани се најчесто во локалите “Дојрана” и “Горна куќа”. Само во 2016-та година во “Дојрана” се потрошени 109.490.оо денари, а во “Горна Куќа” 144.470.оо денари. Покрај угостителските услуги, општина Демир Хисар потрошила и големи суми на златни приврзоци, друг накит и ексклузивни пијалоци.
Извор :СКУП