Имате прваче? Еве неколку совети.
Дали вашето дете е подготвено да стане прваче? Психолозите тврдат дека тоа можете сами да го препознаете на основа на одредени особини и способности кои ги покажува вашето дете.
-Ако е во состојба да се сконцентрира на приказна и успее потоа да ја прераскаже и да ја сфати суштината(во предшколска возраст), веројатно ќе биде добар ученик. Добар успех постигнуваат деца со развиена самодоверба, деца кои кога нешто знаат се јавуваат, не седат и не се кријат, велат психолозите.
Вербалните вештини се пресудни. Колку е детето вешто во изразувањето ( а девојчињата генерално се повешти) зависи од тоа колку родителите разговарале/работеле со нив. Неопходно е детето да има богат фонд на појмови, да умее да ги дефинира предметите и појавите. Графомоториката исто така е важна, а се развива преку цртање и вајање, во спротивно детето тешко ќе пишува и ќе ги кине тетратките со молив. Според психолозите, оваа вештина поуспешно се развива преку обликување пластелин и правење фигурички, отколку со пишување.
Емоционалната зрелост се подразбира. Но, што всушност подразбира тој термин?Психолозите ја дефинираат како способност на детето да се одвои од домот, да функционира самостојно во текот на денот, слично на искуството кое го чека во училиштето и дневниот престој. Децата кои посетувале градинка, помегу третата и четвртата година од животот, многу полесно се прилагодуваат на ваквата рутина.
Дали првачето ќе биде мотивирано да учи ќе зависи од воспитувањето и како се справува со обврските и одогворноста. На децата, од мали нозе, треба да им се даваат задолженија, во мерка соодветна на нивната возраст: да ја постават масата, да го навадат цвеќето, да ја нахранат мачката… Работните навики се создаваат од првото собирање на играчките.Ако вашето дете има четири години, веќе треба да инсистирате тоа самото да си ги собира играчките, дури и кога плаче, се инаети и ги собира со часови. Постарите деца треба да ги вклучувате и во донесување семејни одлуки: каде на одмор, каков фрижидер да се купи итн.
Поаѓањето на училиште треба да се сфати како иницијација. Одбележете го на посебен начин: частење со сладолед, одење на семеен ручек… Кажете му на своето дете дека веќе не е мало, дека нема да оди во градинка,дека го чекаат нови задачи…и тоа свечено одбележете го ,советуваат психолозите.