Научно е докажано: oние кои јадат мед се долговечни

Од поодамна постои верување дека пчеларите поретко се подложни на болести и живеат подолго од луѓето кои не се занимаваат со пчеларење, но ништо од сето тоа не било научно поткрепено. Токму ова е причината група научници од „Јуниверзити Сеинс Малезија“ од Пенанг, Малезија да се зафатат со истражување на поврзаноста на конзумирањето пчелни производи и на пчеларењето со долговечноста.

Испитувајќи ја формираната група од 60 учесници, поделена на две експериментални групи од 30 лица пчелари кои пчеларат најмалку 5 години и 30 лица кои немаат никаков контакт со пчели и не користат пчелни производи, малезиските научници дошле до интересни резултати. Се покажало дека постојаното и редовно конзумирање на пчелните производи и работата со пчелите кај групата составена од пчелари водат до изразено подолги теломери во однос на теломерите кај групата составена од луѓето кои не пчеларат. Теломерите се краевите на хромозомите, а поедноставно и посликовито можат да се објаснат како пластифицираните краеви на врвките од обувките. Функцијата на теломерите е заштитна, односно да не дозволат спојување на хромозомите со други хромозоми, а од неодамна е докажано дека должината на теломерите е еден од најважните фактори на биолошкото стареење. Колку завршетоците на хромозомите се покуси толку повеќе се зголемуваат шансите лицето да заболи од некоја болест како канцер или некои кардиоваскуларни заболувања и да има кус живот.

 

Резултатите покажале и дека со растење на бројот на години на пчеларење и користење на пчелните производи расте и измерената должина на теломерите. Влијание на должината на теломерите има и фреквенцијата на јадење на пчелни производи на дневна основа.

Разлика во должина на теломерите кај пчелари и лица кои не пчеларат

Малезиските научници најавуваат и нови истражувања во оваа насока со цел да откријат кој пчелен производ има најголемо влијание врз должината на теломерите, односно долговечноста.

poveke na:  http://www.medno.mk/

Translate »