Царовска: Во понеделник ќе се знае кој ќе понесе одговорност за 13 годишното девојче
Mинистерката за труд и социјална политика Мила Царовска изјави дека в понеделник ќе се знае кој е одговорен и кој ќе ја понесе одговорноста за случајот со 13-годишното девојче, штитеник на Јавната установа за деца со социјални проблеми „25 Мај“.
– Одговорност ќе има откако комисијата в понеделник ќе ги даде препораките и ќе постапи соодветно. Нема можност некој да се изземе од одговорност – рече Царовска вечерва во дебатната емисија Топ тема на ТВ Телма.
Таа најави дека ќе побара одговорност од лицата кои раководат со институцијата.
Девојчето, за кое медиумите објавија дека било силувано и забременило, а потоа и абортирало, во моментов се наоѓа во Чичино село во Сарај, а со неа работат лица од Психијатриската клиника во Скопје.
Царовска нагласи дека се работи за проблеми кои се наталожени со години и оти сите институции треба да изреагираат навремено, постепено и одговорно. Таа информира дека веќе се работи на трансформација на големите институции во мали групни домови.
– Првите излегувања на деца од институции се предвидени за мај-јуни 2018. Специјализираните мали групни домови ќе се справуваат со оптоварени деца со социјален ризик. Се работи со посебни протоколи, со посебни специјализирани лица. Дел од луѓето се обучуваат во овој момент и се од вработените, а дел ќе бидат нови лица кои ќе се вработат – рече Царовска.
Министерката за труд и социјална политика смета дека е многу важно да се намали сиромаштијата за да нема питачење и да не се пристапува кон одземање на родителското право.